Достапни линкови

Партиите не се подготвени за фракционерско дејствување


Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ.
Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Македонското општество и политичките партии не се подготвени да дозволат фракционерско дејствување внатре во партиите, уверуваат аналитичарите. Додаваат дека тоа е добро за демократијата, но дека нема да се случи додека партиите не се демократизираат одвнатре.

Политичките партии во земјава не се подготвени да делуваат фракционерски, иако, според аналитичарите, таквото дејствување е демократско и добро за развојот на партијата. По барањето на ФРОДЕМ и Реформаторите, новиот лидер на опозицијата Христијан Мицкоски да го промени партискиот статут и да го дозволи фракционерството, упатените велат дека тоа е малку веројатно да се случи, зошто генерално и самото општество не е подготвено за ваков вид на однесување внатре во партиите.

„Во овој момент ВМРО-ДПМНЕ како партија треба да расчисти со добар дел од политиките и да се добие вистинскиот легитимитет и популарноста на нивниот нов лидер. Тој треба да посвети многу внимание на промена на политичките ставови и внатрешните процедури во партијата. Лесно е таму да има реформатори сè додека генералната политика на партијата е во насока каква што ја гледаме и нивното влијание таму ќе биде минимално, буквално како декор, отколку како нешто реално“, вели универзитетскиот професор Никола Дујовски.

Дека засега нема простор и демократски капацитет во ВМРО-ДПМНЕ за да дозволи фракционерство се согласува и професорот Јонус Абдулау од Штуловиот универзитет. Причината поради која тоа ќе биде тешко остварливо, според Абдулау е едноумието, кое, како што вели, владее во партијата.

„Политичките партии кај нас се поврзани околу лидерот на партијата, ние имаме султан партии, и штом тој заминува него го наследува друг кој ги презема овластувањата од претходникот. Нема простор за различни мислења кои не се совпаѓаат со мислењата на лидерот или тие што се околу него“, вели Абдулау.

Фракционерството, вели Абдулау ќе победи во моментот кога партиите внатре ќе се демократизираат и ќе владее атмосфера во која ќе има натпревар на идеи и мислења, заклучува Абдулау.

Дујовски е убеден дека во македонското општеството е речиси невозможно да се дозволи фракционерско дејствување.

„Сите години наназад може да преброите на прсти колку лидери сме имале на главните политички партии. Во албанскиот блок освен ако не се тргне од некоја тешка болест или смрт немаме позначајна промена. Во македонскиот блок, на двете најголеми партии имаме по двајца тројца лидери. Тоа значи дека кај нас партиите се уште се доминантно водени од човек поединец, кој околу себе има пет до десет блиски соработници кои се апсолутен доминус во партијата, а тоа општетството го поддржува“, вели професорот Дујовски.

Членовите на ФРОДЕМ и на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ побараа од новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да си остане на ветувањето дека ќе го усогласи статутот со статутите на сестринските партии од Европската народна партија, во кои ова дејствување постои како опција. Во моментот партискиот статут на ВМРО ДПМНЕ во овој момент не дозволува фракционерско дејствување во партијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG