Достапни линкови

Собранието е поважно од Претседателот


Седница на македонското Собрание на која претседателот на Ѓорге Иванов даде свечена изјава на 12 мај 2014

Собранието е поважно од претседателот и тоа може да се состане и да избере влада и без тој некому формално да го даде мандатот, велат правни експерти. Сепак, таквото решение може да ги продлабочи тензиите, па затоа очекуваат нови политички преговори.

Македонија влегува во уште подлабока криза по вчерашната одлука на претседателот Ѓорге Иванов да не го даде мандатот на парламентарното мнозинство, велат професори по уставно право. Тие објаснуваат дека со недоверувањето на мандатот, следен правен чекор е политичките партии да си ја довршат работата во Собранието, односно да побараат од досегашниот претседател на Парламентот Трајко Вељаноски да закаже седница со цел избор на нов претседател на Собранието.

Поранешниот уставен судија, професор Бајрам Положани, вели дека и доколку Вељаноски не сака да закаже седница, според деловникот, со потписи од 30 пратеници, е можно свикување на седница на која ќе изберат комисија за прашања за избори и именувања за да може да се пристапи кон избор на нов претседател. Доколку и на тоа не реагира Вељаноски, тогаш во таа ситуација, според деловникот, со седницата ќе заседава најстариот пратеник во Парламентот. Откако ќе се избере претседател на Собранието ќе има веќе комплетирана институција која според своите надлежности може да избере Влада, вели Положани. Тој објаснува дека Собранието е тоа кое ја бира Владата.

„Ако вие како институција може да изберете влада е многу повеќе од тоа да прифатите предлог за избор. Кандидатот за избор доаѓа од партии кои имаат мнозинство, а формално-правно претседателот на државата го доверува мандатот. Ако тоа тој не го довери, преку парламентарни групи кои го имаат тоа мнозинство се составува тој мандат, но најважното е тоа дека Собранието ќе ја избере Владата. Ние не сме претседателски систем, ние сме парламентарна демократија, така што центарот е Собранието. Тоа може да избере да прифати или не нечиј предлог за Влада“, истакнува Положани.

Тој додава дека и доколку тогаш не се изгласа програма и нова Влада, тогаш новоизгласаниот претседател ќе може да донесе одлука за самораспуштање на Собранието за спроведување на нови вонредни парламентарни избори, како и донесување одлука за нови локални избори. За да се запазат роковите, тоа треба да се направи до понеделник“, вели Положани.

„Денеска доаѓа и Могерини, првата средба и е со претседателот Иванов, па можеби ќе се дојде до некое решение, да се состанат сите партии и да најдат начин со поголема одговорност да пристапат кон наоѓање на решение, можеби преку „Пржино 3“ или нешто слично. Инаку, ако не, би покажале голема неодговорност и земјата влегува во институционална криза. Тоа би било анархија, за два месеца прекинуваат мандатите и на градоначалниците и на советниците како претставници на локалната самоуправа. Владата е техничка со веќе изминати рокови, што значи веќе навлегуваме во многу подлабока криза“, изјави Положани.

Дополнително професорите со кои се консултиравме велат дека постои страв од реализација на правното решение, затоа што може да доведе до зголемување на тензиите во земјава и затоа очекуваат политичко решение преку преговори и инволвираност на меѓународниот фактор.

За загриженоста која Иванов ја презентираше при вчерашното обраќање во однос на платформата на албанските партии во Македонија, тој реално има ингеренции да се спротивстави. На пример, доколку во Парламентот се изгласа нов закон за јазици, Иванов може да не го потпише указот за стапување во сила или да им достави забелешки на пратениците, па и да учествува во собраниската дебата, велат професорите кои изразуваат сомнеж за искрените намери на претседателот. Тие додаваат дека пратениците се носители на суверенитетот и дека сега тие се на потег.

Од друга страна, дел од партиите коментираат дека одлуката на Иванов само ќе го продлабочи проблемот. Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски во вчерашното гостување на политичка емисија на ТВ 21 изјави дека денеска ќе разговараат со сите партии кои ги дале потписите и ќе зборуваат за можни следни потези.

„Кога ќе се свика собранието која ќе биде агендата, тоа се уставни и правни дилеми за кои треба да бидеме многу прецизни за да не бидат злоупотребени. Гледате, и кога нема правен проблем Иванов го измислува“, изјави Манчевски, кој посочи дека претседателот не понуди никакво решение.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопшти дека нетранспарентноста на целата постапка и криењето на договорот меѓу СДСМ и албанските партии остава огромен сомнеж за ризиците кои ги содржи.

„Постигнувањето на договор со кој се одлучува за иднината на унитарна, суверена и мултиетничка Македонија зад затворени врати, креира тензии во земјата и го буди гневот меѓу граѓаните. Штетите предизвикани од ваквото постапување може да бидат огромни и далекусежни“, заклучил Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Артан Груби, шеф на кабинетот на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во порака до медиумите посочи дека сите измислици за наводна федерализација, поделба, кантонизација и нарушување на уставниот поредок се детски приказни. Во едно од објаснувањата на Груби се вели дека дебатата за националните симболи ја отвориле македонските партии и не значи промена, бидејќи, како што пишува, за тоа потребно е двотретинско мнозинство плус Бадентер, но и општествен консензус.

„Резолуцијата за злосторства против Албанците опфаќа и злосторства против Македонците кои биле жртви на минатиот век. Повеќе пари за општините ја зајакнуваат локалната власт и квалитетот на животот на граѓаните. Соодветната и правична застапеност е законска и уставна обврска. Владеењето на правото е заложба на сите политички партии, албански и македонски“, е наведено во писмената изјава на Груби.

Беса ја повика меѓународната заедница, САД и ЕУ, да интервенираат за враќање на правната држава, како и за враќање на државата по евроатлантскиот пат. Движењето Беса повикува на умереност и посебно внимание во овие моменти.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG