Достапни линкови

Битолската обиколница, расчистена од смет, останува уште свлечиштето


Oбиколницата над Битола, откако е расчистена од смет.

Додека обиколницата е затворена за сообраќај прерасна во дива депонија. Обиколницата не е во функција и поради свлечиштето од околниот рид. Едното веќе се санираше, кога се појави нова пукнатина,

Се расчистува сметот од обиколницата над Битола, која втора година како е затворена за сообраќај, па за ова време деловите кај дивата ромска населба почнаа да наликуваат на депонија од расфрлен и запален смет. Иако ова е магистрален пат, па обврската за негово одржување е на државните институции, сметот сепак го собираат јавните општински претпријатија со цел што поскоро коловозот да се оспособи за сообраќај.

Општина Битола размислува да подигне странични ѕидови на обиколницата во делот што минува низ дивата населба како обид за поголема безбедност на жителите од населбата и возачите што минуваат од таму. Но и за да се промени грдата слика со сметот. Во иднина ќе се осмислува дали тоа ќе бидат звучни ѕидови или целосно бетонски, но просторот ќе биде оплеменет. За жителите од дивата населба ќе се изведат безбедни премини под патот, кои нема веќе да излегуваат директно на обиколницата.

Обиколницата пред да биде расчистена од смет.
Обиколницата пред да биде расчистена од смет.

„Осетлива е не само сликата за ѓубрето, туку пред сè за безбедноста, зашто тука транзитираат возила кои се движат со голема брзина, а има и деца. Колку и да ги чуваат родителите, потенцијалната опасност постои. И ако ги разгледате сите овие проблеми, решението се овие ѕидови. Она што издејствував во разговорите со Агенцијата за државни патишта беа и тие ѕидови да бидат направени и се влезени во програмата“, вели градоначалничката Наташа Петровска.

Обиколницата не е во функција и поради свлечиштето од околниот рид. Едното веќе се санираше кога се појави нова пукнатина, па требаше одново да се менува проектот.

„Сите стручни мислења потврдија дека при наплив на вода ние ова што ќе го сработиме нема да биде издржано со таа димензија на пукнатина што беше забележана и ќе се појави ново свлечиште на она што веќе би било санирано. Сите инженерски мислења беа дека мора да се оди на погорна кота за да се обработи и таа пукнатина. Мораше проектната документација да се измени и тоа е веќе во завршна фаза. Но, сè додека овој воочен проблем не се санираше со нов пристап, секое условно кажано лажно санирање ќе беше популизам“, вели Петровска.

Ова е единствена обиколница за возилата од Прилеп за Ресен и Охрид и обратно. Додека не се санираат проблемите тешките товарни возила кои транзитираат, минуваат низ централното градско подрачје и го загадуваат воздухот, а се ризични и за безбедноста поради тесните улици и големиот метеж. Колку побрзо се пушти во употреба обиколницата, толку побрзо ќе здивнат возачите и граѓаните.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG