Достапни линкови

„Дигитални икони“ на Даниела Киш во Отворено графичко студио


Даниела Киш Дигитални икони 3
Даниела Киш Дигитални икони 3

„Дигитални икони“ е насловена изложбата на Даниела Киш, што во периодот од 1 до 12 февруари, ќе се одржи во Отвореното графичко студио во Скопје. Станува збор за претставување на творештвото на парализирана жена која не контролира 99 проценти од своето тело, но која за половина декада има насликано над 500 икони и портрети и која знае да ја препознае сржта и исходот на животниот смисол и убавина.

По минатогодишното претставување на проектот „Вршац, Панчево, Скопје“ каде на едно место се најдоа трудовите на истакнатите современи стрип автори како Александар Зограф, Данило Милошев – Восток, Гордана Баста и Злата Војниќ Кортмиш од соседна Србија и нашите Горан Дачев, Миле Ничевски и Атанас Ботев, Отвореното графичко студио во изложбената 2018 влегува со „Дигитални икони“ на Даниела Киш.

Во Галеријата, од 1 до 12 февруари, ќе биде изложен изборот од дела, на авторката за која проследувачите ќе забележат дека „не се издвојува толку според уметничкиот талент, туку според истрајноста и талентот да ја препознае сржта и исходот на животниот смисол и убавина“.

Триесет и петгодишната Даниела Киш од Суботица создава во прилично тешки услови. Таа не контролира 99 проценти од своето тело, боледува од авто имуното заболување - системско воспаление на крвните садови и периферните нерви. Повеќето луѓе на нејзино место немаат волја за живот, а камоли за творештво.

Но Даниела, според сопственото кажување, откако знае за себе имала желба за сликање и вајарство. Желба да креира и да разубавува сè околу себе.

Од таму, сосема разбирливо е што Киш најнапред студирала вајарство на Вишата школа за ликовни и применети уметности во Белград, за потем да се стекне со диплома - наставник по ликовна култура.

За жал, во меѓувреме се разболела од неизлечива болест при што трајно останала закована за постела. Сепак, иако тоа ја оневозможило да создава скулптури, таа во ниту еден миг не се откажала од желбата ликовно да се изразува. Да се бори и да твори.

Почнала да слика икони и портрети во т.н „тач техника“ на својот мобилен телефон. Виберот има опција за сликање со допир на екранот. Притоа иако дотогаш главно се служела со десната рака, во новонастаната ситуација почнала да слика со левата и особено со палецот – единствениот прст кој и останал подвижен и со кој можела да твори.

Ќе биде забележано и тоа дека Даниела Киш својата прва икона ја има насликано пред половина декада и оттогаш има создадено повеќе од 500 икони и портрети, со што практично виберот и станал нејзината основна ликовна алатка.

Кон ова уште и информацијата дека природата на нејзините болки е таква што дури и лековите многу малку и помагаат. Но, според нејзините кажувања, „кога слика таа не чувствува никаква болка“. За неа „уметноста е своевидна терапија“.

Од друга страна, како што пишуваат приредувачите на изложбата во Отворено графичко студио во Скопје, „делата се сами по себе вистинско чудо“. Иако сликани на дисплеј од телефонот, со врвот на палецот, на само неколку квадратни сантиметри, кога ќе се зголемат и отпечатат, „обилуваат со живост, чувство за детал и неверојатна контрола.

Како што велат тие „портретите содржат силен емотивен набој и во нив може да се насети духот на фовистите, експресионистите и аутсајдерската уметност“.

Инаку, Даниела Киш она што го твори милува да го споделува со публиката. Според сознанијата таа зад себе веќе има неколку изложби, а по едно од последните претставувања ќе рече:

„Имам парче глина кое ме чека. Ќе го работам кога ќе имам некој поубав ден. Ден со помалку болки. Мислам дека сум привилегирана во однос на другите, бидејќи иако не можам многу да направам, она што можам да го сторам се трудам да биде максимално добро“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG