Достапни линкови

Дневен печат - Името и НАТО во сенка на ракометните успеси


Стојанче Стоилов на натпреварот против Германија

Победите на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство во Хрватска ги стави во втор план преговорите за името во Њујорк и посетата на шефот на НАТО, Јенс Столтенберг на Македонија.

Европскиот првак се извлече, Македонија оди непоразена во Вараждин“ – вака гласи насловот во Нова Македонија за првата вест, се разбира со незначително изнијансирани наслови, во пишаните и електронските медиуми за нерешениот резултат на нашите ракометни репрезентативци на Европското првенство во Загреб. Вестите за спортските успеси впрочем секогаш се мелем за душата на граѓаните на оваа земја.

Независен весник го објавува и видео-спотот на Европската ракометна федерација во кој главно место заземаат македонските навивачи, „фалангата“, како што се нарекуваат, со доминантната црвено-жолта боја на знамето на нивните лица и на разните помошни реквизити за навивањето.

Паралелно со нив, со незабележлива нијанса во редоследот, се другите топ теми, но од политиката. „Столтенберг: Добредојдени сте во НАТО, но името мора да се реши“, насловува Вечер, кој објави и дека генералниот секретар на Алијансата ја почнал дводневната посета на земјава со „Работна вечера со премиерот Заев и со претставници на Владата“.

Независен оди со наслов дека „Столтенберг ќе се обрати во Собранието“, а сите печатени медиуми ја објавуваат веста дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, само за да го следеле обраќањето, се враќаат во собраниските клупи.

Нова Македонија информира и дека во рамките на посетата е најавена заедничка прес-конференција на премиерот Заев и на високиот гостин од НАТО во прес-центарот на Владата.

Нова Македонија, како и сите домашни медиуми, ги следи преговорите и ја објавува изјавата на медијаторот Нимиц: „Терминот ’Македонија‘ ќе биде содржан во името“.

Насловот во Слободен печат гласи: „Преговарачот расчисти важен аспект од решението за спорот: Македонија во секој случај!“ Вечер во наслов ги цитира зборовите на Нимиц дека „На повидок е решение за спорот за името“, а Нова Македонија ја пренесува изјавата на шефот на македонската дипломатија, Димитров, за Дојче Веле дека е „оптимист со грижи“ за исходот од обновениот процес за решавање на прашањето за името.

Печатените медиуми ја бележат и изјавата на македонскиот преговарач Васко Наумовски дека „Предлозите на Нимиц се далеку од достоинствено решение“, како што насловија Нова Македонија и Вечер. Независен весник прави компилација во насловот: „Нимиц тврди, Наумовски демантира: Решението за името на повидок?“

И две вести од правната област: Вечер наслови дека „Судењето против Јанкулоска и Мијалков за предметот на СЈО ’Таргет-Тврдина‘ е одложено за 27 март“, а од Нова Македонија дознаваме дека „Одлуката за азил на Грујевски и Бошкоски одложена на неопределено време поради немање преведувач од македонски на грчки јазик и обратно во судот во Атина“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG