Независно од тесната, првенствено спортска агенда, состанокот внимателно го следат светските лидери кои се желни за какви било знаци на намалување на тензиите на Корејскиот полуостров, поради зголемените стравувања околу развојот на нуклеарното оружје на Северна Кореја и спротивставувањето на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Затоа Сеул предложи и меѓукорејски воени разговори како и повторно обединување на членови на семејствата за време на лунарната новогодишна прослава во февруари.
Северна Кореја влезе во разговорите со „сериозен и искрен став“, рече Ри Сон Гвон, претседател на Комитетот на Северна Кореја за мирно повторно обединување на татковината.
„Денеска дојдовме на оваа средба со сериозен и искрен став и со мислата да им дадеме на нашите браќа, кои имаат големи надежи за овој дијалог, непроценливи резултати како прв подарок во годината“.
Голем оптимизам изрази и неговиот колега, министерот за обединување на Јужна Кореја Чо Моун-Гион.
„Нашите разговори продолжуваат откако врските меѓу Северна и Јужна Кореја беа прекинати долго време, но верувам дека првиот чекор е половина пат. Сакам да го одржиме овој состанок со истрајност и упорност“.
Петмина високи функционери од секоја страна се состанаа во трикатната Куќа на мирот на јужнокорејската страна од селото Панмунџом.
Тоа всушност е граница меѓу двете земји кои никогаш се немаат признаено меѓу себе и кои и натаму практично се во војна.
Последните преговори на истото место беа одржани во 2015 година и траеле 44 часови без прекин.
До новото затоплување на односите дојде откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на 1 јануари ја најави можноста за учество на севернокорејски спортисти на Зимските олимписки игри во Јужна Кореа.