Достапни линкови

Прослави или штедење за Новата година?


Новогодишна прослава или донации?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:34 0:00

Новогодишна прослава или донации?

Град Скопје парите за прослава ќе ги даде на сиромашни. Општина Центар ќе прославува на Сквер Јадран, но и оваа прослава има хуманитарен карактер. Дел од граѓаните не се импресионирани од мерката за штедење.

Традицијата на новогодишното славање на плоштадот Македонија годинава нема да продолжи, а причина е економската состојба во која се наоѓа државата.

Новогодишната елка во Скопје е на старото место, но Градот реши да ги донира парите за оние на кои најмногу им се потребни во овие денови, но и во текот на целата година - на сиромашните.

Скопјани нема да се соберат на плоштадот Македонија, а годинава таму расположението го подигнуваат уличните свирачи. Но, ќе има прослава на друга локација - „Сквер Јадран“, со организирана музичка програма од Општина Центар, а прославата доби и хуманитарна димензија и низ форма на донации од граѓани треба да му се помогне на 16-годишно момче кому му е потребна итна операција за пресадување на коскена срцевина во Италија.

Во своите реакции дел од граѓаните велат дека не се импресионирани од мерката, наведувајќи дека „еднаш е Нова година“ и со тоа не се заштедува, а други дека е добредојдена во време кога има многу сиромаштија.

„Мислам дека сега ова што се направи оваа година не е добро, заради оние луѓе кои имаат многу мали примања, па би сакале со своите дечиња да дојдат да видат да ги прошетаат.“

„Доколку навистина се донирани тоа е позитивна работа на градот. Не се заштедува така, но донацијата значи еден добар гест и парите што се дадени во таа пригода се многу поцелсиходно дадени.“

„Постојат многу начини на кои би можело да се заштеди, почнувајќи од тоа да собираме поголеми такси од тие што имаат повеќе пари, приказната е долга. Но, на овој начин се заштедуваат само многу малку ситни пари.“

„Јас сум повеќе да се донира, отколку да се чека на плоштад. Тие пари што ќе ги дадам за плоштад може да ги донирам на семејство што нема леб да јаде што иде по канти да собира.“

„И да и не, забава треба да има, луѓето треба да излезат надвор не мора скапи имиња да се носат или звучни, но може да им се даде шанса на некои млади пејачи. На луѓето им треба забава, има луѓе што не може да си дозволат да одат некаде на забава. Треба да има прослава, но да е скромна.“

По десет години масовни новогодишни прослави на плоштадот во центарот на Скопје, за првпат Градот во минатата година реши да ги пренамени парите.

Социолозите коментираат дека македонското општество во изминатите години доживеало материјална сиромаштија и оценуваат дека кризата треба се решава со одрекувања од многу нешта.

„Треба да се штеди на сите фронтови, состојбата е драматична и на финансиски и на други планови. Знаме како беше во Грција со насоки за штедења на секое место во секое време и фронтови. Тоа истото се случува со Македонија и со Скопје конкретно“, вели социологот Ѓорѓи Тоновски.

За многу граѓани на Македонија малку има причини за новогодишна прослава, зашто во 2018 не очекуваат поголеми раздвижувања во економијата од оние што ги имавме во годината која заминува, но има и такви кои не мислат така.

„Мислам дека слабо, зашто ги следам вестите, инвестициите од странство се многу мали, барем засега, дај боже во 2018 да имаме инвестиции, да ни оди економијата напред. Тоа е најважно економијата. Ако има економија ќе има и вработување. Jас имам во комшии многу млади луѓе, навистина немаат леб да јадат.“

„Јас сум оптимист, се надевам дека ќе има подобар успех дека ќе излеземе од политичкото секојдневие и ќе се свртиме кон економијата“, велат граѓани.

Проекциите на Светската Банка се дека во 2018 година економскиот раст ќе изнесува 3,2 отсто.

Економистите оценуваат дека македонската економија го надмина негативното влијание од неколкуте шокови во текот на цела една година како последица на политичката криза, но дека е потребно да се остварат капиталните инвестиции за има раздвижување на економијата.

Предвидувањата се дека идната година ќе дојде до закрепнување, а во годините потоа може да се очекува позитивен тренд во економијата што би ја придвижило земјата напред.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG