Достапни линкови

Плаќачите на исклучено парно останаа разочарани


Граѓаните кои протестираат против одлуката да плаќаат паушали за парно кое не го користат, велат дека се разочарани од одлуката на Уставниот суд дека мора да плаќаат за услугата. Велат ова ќе поттикне уште поголемо незадоволство.

Oдлуката на Уставниот суд граѓаните кои се исклучиле од системот за парно греење и во иднина да плаќаат паушал, донесе разочарување меѓу оние што неколку години секоја сабота протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика.

Марјан Ненов од здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“, кое е иницијатор на постапката, посочува на нетранспарентност и вели дека не им е јасно дали со тоа Судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста, или само се прогласи за ненадлежен. Но, тој додава дека нивното незадоволството е уште поголемо поради новиот Предлог - закон за енергетика, со кој меѓу другото се предвидува и задолжително инсталирање на мерни уреди, калориметри за секој нов објект, стравувајќи дека парите на граѓаните може да отидат во приватни џебови.

„Не ја ни добивме, ние не знаеме како точно гласи одлуката, но како и да е, не очекувавме драстична промена од истиот состав поставен од Груевски во 2012. Ова е само дефокусирање од вистинскиот проблем, а тоа е новиот закон за енергетика. Ние сме насочени кон тоа и очекуваме оваа власт да ги исполни ветувањата, а тоа е дека исклучените граѓани од Топлификација нема да и плаќаат на ниту една компанија. Јасно и гласно кажаа во својата програма и очекуваат тоа да си го исполнат. Не плашат изјавите од поединци кои сакаат да си тераат бизнис интереси“, вели Ненов.

Официјални лица деновиве, посочувајќи го членот 39 од новиот Предлог - закон за енергетика, изјавија дека обврската за вградување калориметри „се применува за изградба на нови објекти за кои е започната постапка за одобрение за градење по влегувањето во сила на овој закон“. Според објаснувањата од надлежните лица, за објектите кои се веќе приклучени на дистрибутивната мрежа, поставувањето на мерни уреди не е задолжително, односно е оставено на избор на самите потрошувачи и со самото тоа ќе нема никакви наметнати дополнителни трошоци за постојните корисници. Но граѓаните стравуваат дека на удар ќе се најдат семејните буџети и посочуваат на контрадикторни изјави во јавноста во врска со оваа тема.

„Се манипулира со заеднички калориметри. Се поставува прашање зошто не се решава овој проблем дали некој повторно сака да краде од семејните буџети и да си прави свој бизнис. Мора да се постават калориметри на сметка на снабдувачот со топлинска енергија и тие да бидат тестирани од лабораторија која ќе утврди дали точно мерат. Тоа е едноставна постапка. Се менуваат изјави дека треба граѓаните да си ги постават, па дека ќе помогне државата, а на крај и дека нема да се поставуваат“, реагира Ненов.

Исклучените граѓани од системот на БЕГ, неколку години протестираа против одлуката да плаќаат паушален надоместок за топлинска енергија. Тие најавија и тужба пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Од здруженијата за заштита на правата на граѓаните потенцираат дека доцни одлуката за нивната иницијатива од другите судски инстанци и поради тоа гледаат обиди да им се наметне чувство на немоќност да ги сменат наметнатите решенија. Од здружението „Но пасаран“, најавија нови чекори со цел да им се помогне на сите граѓани во државата да добијат квалитетни услуги.

„Ние имаме постапка на Суд. Постапката на Суд е заглавена во Апелација. Очекуваме решението да биде побрзо, мислам дека се тактизира и тука. Ако е позитивно, тука завршува сè, но ако е негативно ќе одиме во Стразбур секако. Не застануваме тука. И порачуваме на било која власт дека ќе одиме до крај. Граѓаните заслужуваат да имаат евтино и квалитетно парно греење, не заслужуваат некој да ги уценува“, вели Ненов.

Дотогаш околу 12.000 домаќинства во Скопје, кои се исклучени од централниот систем за затоплување на домовите, имаат и натаму обврска да плаќаат паушал, затоа што според објаснувањето од Топлификација тие се дел од колективен систем за парно и цевководите поминуваат низ нивните станови.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG