Достапни линкови

Одземен имунитетот на осомничените пратеници на собраниска комисија


Пратеникот Крсто Мукоски во Собранието на РМ.

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска го одзеде имунитет на пратениците кои се осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април. Конечната одлука ќе се носи на собраниска седница. Осомничени се пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчулоски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски и Љупчо Димовски.

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска го одзеде имунитетот на пратениците кои се осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април. Според Деловникот на Собранието за конечната одлука ќе одлучува Парламентот на пленарна седница.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги доставил барањата за одобрување на притвор до Kомисијата. Џафери синоќа во Собранието оствари средба со премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Основното јавно обвинителство сомничи 36 луѓе за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, вклучително и шест пратеници од опозициската коалиција. Меѓу нив се Крсто Мукоски, Јохан Тарчулоски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски и Љупчо Димовски.

Двајца пратеници од осомничените, Тарчуловски и Мукоски, се членови на Комисијата и тие треба да бидат заменети со други. Заменици на членовите од ВМРО-ДПМНЕ се пратениците Владимир Ѓорѓев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски. Претседател на Комисијата е пратеникот Павле Богоевски.

Комисијата треба во рок од два дена да се изјасни по барањата и да изготви извештај. Потоа Собранието за три дена треба да донесе одлука по барањето за евентуалното одземање на имунитетот на пратениците. За тоа да се случи потребно е мнозинство од 61 пратеник.

Кривичниот суд вчера соопшти дека од 24 лица повикани на распит мерка притвор од 30 дена им одредил на 13 осомничени, додека шестмина од осомничените добија куќен притвор. Од Судот информираа дека за пратениците кои се осомничени, судијата на претходна постапка ќе пристапи кон одлучување по предлогот на обвинителството откако Собранието ќе расправа за одземање на нивниот имунитет. За останатите лица кои се опфатени во предлогот, а не биле на распит Судот се уште нема добиено известие за причините поради кои не е постапено по наредбите за нивно приведување.

Меѓу осомничените е и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и екс министер за внатрешни работи Митко Чавков, како и организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, кој е актуелен член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и режисерот Борис Дамовски, оперскиот пејач Игор Дурловски и актерот Владо Јовановски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG