Достапни линкови

Мешаните бракови меѓу Македонци и Албанци ретки, но стабилни


Ирфан и Марионка Уштеленца се во брак повеќе од 50 години. Тој е Албанец, а таа Македонка.

Ирфан и Марионка Уштеленца се во брак повеќе од 50 години. Тој е Албанец, а таа Македонка. Велат дека тензиите во општеството не им се пресликале во семејството. Во Дебар важат за пример за верската и за етничката толеранција.

Во Дебар ретки се мешаните бракови меѓу Македонци и Албанци, но тие како во минатото така и денес, се стабилни бракови, кои воедно се и добар пример за соживот и толеранција. И покрај тоа што во одредени периоди во државата имаше нагласени етнички и верски тензии и појава на етничка и верска поделеност, овие бракови опстојувале.

Ирфан и Марионка Уштеленца се во брак повеќе од пет декади. Тие велат дека имаат мошне стабилен брак. Двајцата како млади се запознале како студенти во 60-те години и денеска го живеат третото доба.

„На почетокот кога дојдов во Дебар како млада невеста во семејството на мојот сопруг Ирфан Уштеленца, не да речам дека бев примена добро, туку бев примена одлично. Одлично бев прифатена и без предрасуди и од страна на неговото пошироко семејство, како што се тетки, вујни, вујковци и друга роднина. Како Македонка бев прифатен од сите како во семејството на сопругот, така и од целото општество во Дебар. За кратко време го научив и албанскиот јазик и со успех работев и во организацијата каде што имаше потреба и за македонскиот и за албанскиот јазик. И на работа сите ме почитуваа. Јас со мојот пример мислам дека придонесов многу и за верската и за етничката толеранција во градот“, вели Марионка Уштеленца.

Инаку Ирфан кој е наставник во пензија, истакнува дека љубовта не признава граници. Имаме одлично семејство, додава Ирфан.

„Љубовта нема граници. Се сакавме и се зедовме. Сме немале никакви проблеми во семејството и имаме прекрасно семејство. Имаме три деца, тие се школувани и една ќерка ни е доктор на науки“, вели тој.

РСЕ: Имате ли проблеми кога се јавуваат одредени етнички и верски тензии пошироко во земјава?

„Имаше одредени појави. Но сепак ќе кажам дека онаа што се случуваше надвор, немаше простор да навлезе во нашето семејство. Нашето семејство беше и е мошне стабилно“, истакна Ирфан Уштеленца .

Сега како пензионери и двајцата се активни во организацијата на пензионерите, но и во други организации.

Семејството на Ирфан и Марионка Уштеленца е мошне почитувано во Дебар. Него го ценат сите дебарчани.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG