Достапни линкови

Битолски семејства мрзнат, а платиле за дрва


Дрва за огрев.

Поголем број семејства од Битола иако платиле дрва за огрев, шумските претпријатија сѐ уште не им ги доставиле. Битолчани се жалат дека не добиле дрва од шумските претпријатија „Бигла“ од Демир Хисар и „Кајмакчалан“ од Битола.

Ридовите околу Битола се побелени, а и температурата во вечерните часови падна по нулата. За жал, семејствата кои останаа без дрва, мораат да се снаоѓаат на други начини за да ги загреат домовите. Некои да ја одберат дури и поскапата опција, да трошат електрична енергија.

„Да ги платиш дрвата и да не ти ги донесат и сега дополнителни трошоци да имаш оти мораш струја да трошиш“, вели битолчанецот Митко Илиевски.

„Во услови кога се очекуваат ниски температури, дрвата уште не се доставени. Моите родители платиле за дрва, а не ги добиле. Барам одговорност од надлежните и од институциите зашто голем дел од граѓаните не ги добиле дрвата и не сме во ситуација кога можеме да ги повлечеме парите и да ја купиме истата кубикажа, зашто дрвата се веќе поскапени“, рече битолчанката Ивана Атанасовска.

Неофицијално, во Битола доцни испораката на 3,5 илјади метри кубни дрва за огрев од шумското претпријатие во Демир Хисар, a битолското треба да се достават уште 2.200 кубика.

Од Шумското претпријатие „Бигла“ не известија дека доставата доцни бидејќи годинава со задоцнување биле распишани и тендерите, а и поради временските услови. Од битолското шумско претпријатие „Кајмакчалан“, пак, за битолските медиуми изјавија дека претходниот менаџерски тим имал преземено големи обврски за испорака на огревно дрво од над 14.000 кубни метри, а до промената на раководството испорачале само 5.533 кубици Така, на новиот менаџерски тим им оставиле да испорача 8.500 кубни метри, од кои до 15 ноември годинава биле испорачани 6.246 кубици или според нивна математика за два и пол месеци доставиле повеќе дрва отколку за осум месеци.

Од таму велат дека граѓани од Битола кои имале платено за огревно дрво до месец август биле прескокнувани во испораката, а им биле праќани дрва на роднини, пријатели кои огревното дрво го платиле после нив.

Приватните трговци со дрва велат дека има недостиг на огревно дрво кое тешко дека може да се снабди во зимски услови.

„Дрва нема четири-пет месеци и не се снабдени граѓаните. Камион да оди во планина и да донеси може само во март зашто сега е влажен теренот. Инаку, доколку на време ни даде државата можност да сечеме ние ќе си обезбедиме услови за да можеме да работиме“, вели Тодор Талевски, битолски трговец со огрев.

Од партијата „Левица“ побараа итно решавање на проблемот, зашто дел од семејствата кои чекаат да им стигнат дрвата се повозрасни граѓани, дел болни, а некои и социјално загрозени.

„Во Битола има проблем со доставата на дрва. На многу семејства дрвата кои се платени не им се доставени, Левица смета дека тој проблем мора итно да се реши зашто зимата е веќе дојдена, а граѓаните без дрва нема на што да се греат. Овој проблем најчесто ги погодува социјално најзагрозените категории, зашто одговорните треба да преземат соодветни мерки за да се реши проблемот со доставата на дрва“, рече Никола Славевски од „Левица“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG