Достапни линкови

Ревизијата да не се поистоветува со инспекција


Валентина Алексовска, ревизор во Секторот за внатрешна ревизија во Општината.
Валентина Алексовска, ревизор во Секторот за внатрешна ревизија во Општината.

Кумановските советници бараат ревизија на работата на Општината. Интегритетот на ревизорот не може да го нарушат политичките одлуки на Советот, вели Валентина Алексовска, ревизор во Општина Куманово.

Непосредно по изборниот процес, 33 советници во Општина Куманово, со различни професии и со различни политички предзнаци, на почетокот на мандатот, побараа разни ревизии за утврдување на состојбата во Општината Куманово и во јавните претпријатија. Најчесто ревизијата се поистоветува со инспекцијата, иако се сосема различни, појаснува Валентина Алексовска, ревизор во Секторот за внатрешна ревизија во Општината.

„Постојат три видови ревизија, институции кои вршат ревизија. Државен завод за ревизија, внатрешни ревизии во секторите кои се задолжителни во установите, во јавните претпријатија и во општините кои имаат промет поголем од 50 милиони денари и комерцијални ревизори овластени за вршење ревизија по нарачка на нарачателот. Ревизиите се вршат согласно нивните законски овластувања. Најнапред се вршат проценки на ризици и врз основа на тоа се одлучува, се определуваат критериумите по кои ќе се прави ревизија и во која установа“, вели Алексовска.

Таа вели дека постои ревизија за ефикасност во работење на институција, на усогласеност на постапки, на успешност на претпријатието, тематска ревизија.

„Во Општина Куманово се направени различни видови, од економска до тематски ревизии, каде се опфатени сите сензитивни процеси по однос на финансии, процесот на јавни набавки, на контроли што се врши врз основа на процедури и во до сега сите направени ревизии нема забелешки по основ на законитоста“, вели Алексовска.

Таа нагласува дека во Општината Куманово во изминатиот период се работело согласно законите, без оглед што советниците и новиот градоначалник Максим Димитриевски споменуваат справување со урбана мафија, урбан хаос.

„Законите ги донесува Собранието, а ги спроведува локална самоуправа. Доколку законот се менува по десет пати во текот на годината, според интересите на тогашната владејачка структура, тоа значи дека сите тие инвеститори поднесуваат барање и можат да ги остварат таквите градби според во тој момент важечкиот закон. Ние барањата ги проследуваме до Скопје, тие проекти изготвени од овластени надворешни проектантски куќи добиваа одобрение таму. А како се гради на лице место, за тоа е надлежна инспекција. Проблемот е во надзорот, за што е донесен законот според кој надзорот е надворешен. Доколку општината ја контролираше градбата не верувам дека ќе имавме ваква состојба каква што имаме сега во Република Македонија. Надзорот треба да им се врати во надлежност на општините“, објаснува таа.

За илустрација Алексовска наведува дека има градежни фирми во кои таткото е управител, а децата се надзор. И техничкиот прием е во надлежност на инвеститорот. Според неа, во општината не може да има урбана мафија.

Алексовска која изминатите шест години беше секретар во Општината вели дека имало две финансиски инспекции, едната за обезбедување нафта за потребите на училиштата, а втората за проверка на регуларноста на превозот на учениците. Во двата случаи немало забелешки.

„Доколку некој сака да врши ревизија на материјално-финансиското работење на Општината, може да си стави во план на јавни набавки ангажирање на ревизорска куќа која ќе ги врши тие ревизии. Што се однесува до Државниот завод за ревизија и внатрешната ревизија, тие работат врз основа на утврдени проценки и ризици. Така, интегритетот на ревизорот нема да се наруши врз основа на политичкиот притисок и одлуки што се донесуваат на советот“, вели Алексовска.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG