Достапни линкови

Кумановските советници согласни за отчетно и одговорно работење


Седница на Совет на Општина Куманово.

Новиот кумановскиот општински Совет се заложи за поголема контрола на материјално-финансиското работење на јавните претпријатија. Општината е со долг од околу 160 милиони денари и под постојана блокада.

На почетокот на советничкиот мандат кумановските советници најавуваат отчетно, одговорно и транспарентно работење на најголемата локална самоуправа во државава, при што и тие, а и градоначалникот Максим Димитриевски ќе се заложат освен Државниот завод за ревизија и општинската ревизија да го контролира материјално-финансиското работење на јавните претпријатија. Од Секторот за финансии информираат дека Општина Куманово била подложена на сите можни ревизии во изминатите четири години, но освен некои препораки, по кои согласно законскиот рок морало да се постапи, забелешки немало.

Зоран Петрушевски советник од ГРОМ, меѓу другото, забележува дека би било добро да се знае каква состојба е затекната и од каде започнува со работа новиот Совет, оти како што рече, Општината е со долг од околу 160 милиони денари и под постојана блокада. Ова особено што новиот градоначалник во кампањата ветувал дека ќе се справува со сите според него, досегашни неправилности.

Градоначалникот Димитриевски, како што изјави, иако очекувал да има забелешки за досегашно работење во Oпштината, според извештаите од Државниот завод за ревизија такво нешто нема, а ќе остане на тоа што го ветувал во кампањата.

„Во рамките на мои ингеренции планирам за 2018-та година да побарам од Државниот завод за ревизија да изврши целосна ревизија за досегашно работено за да има финансиски и материјален пресек, од она што било сработено од стариот градоначалник и доаѓањето на новиот, зашто тоа е коректно кон мене како градоначалник и кон граѓаните, кои треба да ја знаат вистината. Исто така и до општинскиот ревизор кој што прави годишна програма за работа планирам да поднесам барање во рамките на надлежностите да прави ревизија за финансиско - материјално работење на јавните претпријатија за потребите на градоначалникот и на јавноста“, вели градоначалникот Димитриевски.

Ирена Илиевска, раководител на Секторот за финансии, информира дека во изминатите четири години биле извршени сите можни ревизии како во локалната самоуправа, така и во останатите установи и јавни претпријатија под надлежност на општината, а за превозот на учениците што дел од советниците сметаат дека имало нерегуларности, таа појасни дека и по инспекциска контрола немало забелешки за оштетување на општинскиот буџет.

„Ревизија се прави или за една година или тематски, а ревизија за четири години е многу обемен и опсежен период и би требало или да се подели на делови или да се најде некој друг начин“, појасни Илиевска.

Според изнесените информации градоначалникот Димитриевски вели дека Општината Куманово која како една од малкуте во државава беше водена од опозиција на централната власт испливала како чиста во почитувањето на законските рамки.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG