Достапни линкови

Партнерство, но не и членство во ЕУ


Лидерите на Европската унија утре во Брисел треба да одржат состанок со цел продлабочување на врските со шест источни соседи на ЕУ. Таканарешеното Источно партнерство е дизајнирано да ја зајакне трговијата и да ги промовира европските вредности во Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина. За првпат беше поканет лидерот на Белорусија Александар Лукашенко, но тој најави дека ќе го прескокне собирот.

Неговата земја е опишана како „предстража на тиранијата“, а неговото 23-годишно владеење како диктатура.

Сепак, авторитарниот лидер на Белорусија, Александар Лукашенко доби покана за самитот во Брисел. На крајот, тој реши да не дојде.

Но, во очите на ЕУ, оценката за човековите права во Белорусија доволно се подобрила па Лукашенко заслужи покана, негова прва од одржувањето на самитите во 2009 година.

Портпаролот за надворешни работи на Унијата Маја Коцијанчич вели:

„Во минатото, тој беше на листата на забрана за патување. ЕУ реши да ги укине повеќето рестриктивни мерки како одговор на одредени настани што ги баравме, вклучувајќи и ослободување политички затвореници“, рече таа.

Белоруската економија и снабдувањето со енергија се длабоко поврзани со Русија.

Земјата, која ќе биде претставена во Брисел од шефот на дипломатијата Владислав Макеи, мора да ја балансира својата зависност од Москва со обиди да изгради посилни врски со Европската унија.

Самитот, спонзориран од ЕУ, има за цел промовирање на западните вредности и трговијата со шест источни соседи на Унијата.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан вели:

„На пример, проширување на трансевропската мрежа, со автопати, железници кон овие земји и од овие земји, кои ги поврзуваат овие земји со Европа, со европските бизнис можности“, вели Хан.

Од последниот состанок на Источното партнерство пред две години во Рига, Азербејџан и Ерменија се судрија околу спорната територија на Нагорно Карабах.

Во борбите во 2016 година загинаа војници и цивили од двете земји.

Пред состанокот во Брисел, извори на ЕУ велат дека двете страни воопшто не се согласуваат околу текстот на конечното коминике од самитот во врска со конфликтите во регионот.

Ерменскиот претседател Серж Саркисијан, сепак, се фокусира врз нешто поголемо.

Тој очекува на самитот да потпише сеопфатен и подобрен договор за партнерство со Европската унија.

Шефот на ерменската дипломатија Едвард Налбандијан вели:

„Поттикнувањето на контактите меѓу луѓето е важен дел од агендата на Ерменија и ЕУ“, вели тој.

Договорот во голема мера е симболичен, но е важен чекор за безвизен режим со Унијата. Тоа веќе го имаат Грузија, Молдавија и Украина.

Сепак, она што најверојатно нема да биде на маса на самитот е секоја дискусија за потенцијалното членство на овие земји во Европската унија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG