Достапни линкови

Стефановски - Уживајте во магијата на сенките


Сцена од претставата „Малиот принц“

Со изведбата на претставата „Малиот принц“ на театарот „Сенки и облаци“ од Скопје, оваа среда, на 22 ноември, во 19.30 часот, во Младински културен центар, ќе заврши петтото јубилејно издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“. Станува збор за единствена манифестација во регионот којашто плени со искрената идеја за едукација и ја буди креативноста на најмладите.

Круме Стефановски и целата екипа собрана околу Здружението „Сенки и облаци“ и по цели пет години и исто толку изданија на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“ и натаму го сонуваат својот сон за „единствен фестивал од овој тип во регионот“. И натаму веруваат во себе и генерално идејата ја потпираат на врутоците ентузијазам и на енергијата својствена само за вистинските поклоници на уметноста.

Од таму нималку не чуди кога по толку многу детски фасцинации и насмевки во изминатава декада, тој ќе рече дека верувал и дека верува во идејата за креативно детско случување, за манифестација која ќе се издигне над обичноста и силно ќе ја разбуди љубопитноста кај најмладите. И, кај нивните родители, се разбира.

„Да не верував немаше и да го почнеме ова. Јас знам дека Фестивалот особено кај децата раѓа некаква креативност. Тие се возбудени секогаш кога доаѓаат на нашите работилници и нашите претстави. После тоа сакаат да дојдат зад сцена, да видат како тоа функционира, со какви кукли играме, какви фигури правиме, кои светла користиме. Така што верувам дека ова ќе има уште подолга традиција. Затоа уживајте во магијата на сенките“, вели Стефановски.

Тој дополнува дека проблемот со нивниот Фестивал, со „Сонот на облачето“, е всушност буџетот што го имаат, односно го немаат. Што тој сите овие години е толку мал што манифестацијата и не може да прерасне во нешто поголемо. Тие како организатори и не се во состојба да платат театри коишто би доаѓале од „подалеку“ (иако и нив ги имало како оној од Бразил чие гостување беше покриено од нивното Министерство за култура), а неколкупати треба да се помислат и за овие од Стариот континент.

„И со тој мал буџет со кој располагаме некако успеваме од година во година да направиме некаков развој. Во секој случај и покрај тоа што Фестивалот од првата до петтава година и нема некој буџет ние успеваме, благодарение на нашето искуство и окото што станало позрело, можеме да препознаеме кој театри би требало да дојдат, да ги викнеме на нашето случување. За жал, притоа изборот се сведува само на неколку кои би биле интересни и слободни за да дојдат во ноември во Скопје, во Македонија“, вели Стефановски.

Инаку, по изведбите на спектаклот „Јас и болвата“ на холандската трупа ЛИЧТБЕНДЕ и на „Рачиња“ на фантастичната Валерија Гулиети од СОМБРАС ЧИНАС од Шпанија (чија „Танцот на рацете“ во 2015 беше проследена со бројни овации од страна и на децата, но и на возрасните), фестивалот ќе биде затворен со претставата „Малиот принц“ на театарот „Сенки и облаци“ од Скопје, кои минатата година ја прославија првата декада од својата успешна опстојба и делување на македонската театарска сцена.

Говорејќи за својата мисија во рамките на Театарот и неговото присуство на Фестивалот, Стефановски истакнува дека тие за целото тоа време биле во потрага по простор за игра. За докажување.

„Иако не постоеше Фестивалот ние постојано баравме простор и начини да играме во текот на годината. Тоа го правевме дури и повеќе отколку што го правиме денес. Секако дека ни е во план да не има на сцена во континуитет. Еве, во преговори сме со МКЦ во декември да добиеме термин уште еднаш да ја одиграме „Малиот принц“. Следно како идеја ни е да ги поминеме и другите градови во Македонија со претставата, иако сме свесни дека ќе имаме потешкотии со логистиката и организацијата на таков еден зафат. Едноставно ние не сме државна институција, ниту имаме зад нас некој директор кој би помогнал да добиеме некоја сцена што е слободна. Секогаш е тоа со некакво убедување, со молење, со убедување дека тоа што ние го правиме ќе им се допадне на децата или на возрасните, зависи од тоа што играме во моментот. Реално немаме широко отворени врати за да бираме каде би можеле да настапиме и сето тоа да зависи само од нас. Се протнуваме некако. Ќе бидиме некоја подотворена врата и оп, ете ќе се шмугнеме. Играме. Нудиме театар на сенки“, вели Стефановски.

Конечно, останува констатацијата дека „Сонот на облачето“ од година во година нуди се поисполнета фестивалска програма која се стреми да ја забавува но и едуцира публиката во доменот на визуелни игри со театар на сенки. Кон ова уште и информацијата дека и годинава во рамките на Фестивалот беа одржани работилници со секој од театрите учесници на манифестацијата. Како вовед уметникот Доротеј Нешовски подучуваше во изработка и анимација на кукли за театар на сенки, кои за време на фестивалските денови беа дел од интерактивната детска сцена во фоајето на кино „Фросина“. Потем, вештите раце на Валериа Гулиети споделија неколку тајни во уметноста на правење сенки со раце, додека децата со ЛИЧТБЕНДЕ е планирано да изработуваат кукли од рециклирани материјали, кои потоа ќе ги проектирааат со магични лампи. Згора на тоа посетителите имаа можност да ја посетат и изложбата на традиционални кинески кукли за театар на сенки.

И, уште нешто исклучително важно. „Сонот на облачето“ во својата публика редовно вбројува и деца кои припаѓаат на одредени општествено маргиналиизрани групи. Изминатите години дел од дружбата беа децата од СОС Детско село, Трисомија 21 (асоцијација за деца со Даунов синдром и нивните семејства), Центарот за деца од улица во Шуто Оризари, а годинава таа можност повторно ја имаа децата од Заводот за рехабилитација на деца и младинци.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG