Достапни линкови

Какво е расположението за трета опција на македонската политичка сцена?


Илустрација: Гласање на локалните избори 2017
Илустрација: Гласање на локалните избори 2017

Последните изборни циклуси покажаа дека албанското гласачко тело е подготвено за промени на политичката сцена, велат експертите. За разлика од нив, Македонците бираат само помеѓу двете етаблирани партии - СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Со години непроменетата политичка сцена во земјава, која најпосле се раздвижи пред последниве два изборни циклуси, јасно го исцрта расположението на албанското гласачко тело подготвено за промени. Домашните аналитичари велат дека промените во албанскиот блок се случија во моментот кога се формираа новите партии Беса и Алијансата за Албанците, чии изборни резултати, пак, покажаа дека промените се потребни.

„На политичката сцена кај Албанците се појавуваат одвреме навреме нови субјекти како резултат на незадоволството од учинокот на постојните политички партии. Бидејќи албанските партии никогаш не се во можност да имаат доминантна улога во извршната власт, барањата на поддржувачите на овие субјекти остануваат незадоволени и затоа албанското гласачко тело гравитира и е во потрага по нов субјект од кој се очекува да биде поуспешен и да ги остварува интересите на тој електорат“, изјави политичкиот аналитичар Насер Зибери.

На македонската политичка сцена работите се појасни, вели Зибери. Тука е етаблиран профилот на политичките субјекти на леви и десни, и гласачите и електоратот се претежно ориентирани кон една од овие две партии. Но, и покрај сè, сè уште не може да зборуваме за стабилизација на албанската политичка сцена, анализира Зибери.

„Мислам дека во перспектива ДУИ ќе биде заменета од двете политички партии Беса и Алијансата на Албанците, бидејќи очигледно е дека Алијансата нема да може да го издржи притисокот во извршната власт, која ќе треба да реши дали останува во влада или ќе се приклучи со политичките активности кон Беса. ДПА е на прагот на исчезнување, евентуално би преживеале доколку се приклучат во Владата, но сега засега не гледам такви најави и не верувам дека тоа ќе се случи“, вели Зибери.

Според политичкиот аналитичар Митко Гаџовски, причина за ваквата ситуација во македонскиот блок е изборниот модел во земјава. Истиот вели тој, не им дозволува на помалите политички партии да обезбедат посериозен политички резултат. Друг фактор поради кој ситуацијата е поразлична кај албанскиот блок е степенот на политичка свест кај помалите етнички заедници.

„Нивото на политичко размислување кај помалите етнички заедници е многу повисоко во однос на македонскиот електорат, односно доколку некоја од партиите не им го испорачала она што им го ветила, тие веднаш на наредните избори ги казнуваат. Таков беше случајот со ДУИ на парламентарните избори“, потсетува Гаџовски.

Продор на трета опција, според Гаџовски, не може да се случи сè додека постои притисок врз гласачите по однос на уцени по работното место и слично.

„Сè додека не се воспостави нормално функционирање на државниот апарат, дотогаш нема да може да очекуваме нови идеи или субјекти, зошто во изминатите дваесеттина години со државата раководи или ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Третата опција би се родила во моментот кога ќе се исполнат условите за непречено гласање на избирачите“, вели Гаџовски.

Зибери, пак, смета дека појавувањето на трет политички субјект би можело да се случи само ако има некоја длабока политичка криза. Третата опција, заклучува тој, не значи автоматски демократизација на гласачкото тело.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG