Достапни линкови

Либан обвинува дека премиерот Харири е притворен во Саудиска Арабија


Либанскиот премиер во оставка Саад ал-Харири(десно) и претседателот Мишел Аун на 20 октомври 2016 во Бејрут
Либанскиот премиер во оставка Саад ал-Харири(десно) и претседателот Мишел Аун на 20 октомври 2016 во Бејрут

Либанскиот премиер Саад ал-Харири во саботата поднесе оставка додека беше во посета на Саудиска Арабија и оттогаш не се појавил. Либански претставници тврдат дека е притворен, саудиските власти негираат.

Либан верува дека Саад ал-Харири, кој во саботата поднесе оставка на премиерската функција додека беше во Саудиска Арабија, е задржан од страна на саудиските власти. Бејрут соопшти дека планира да соработува со странски држави за да обезбеди враќање на Харири во земјата, информираат двајца владини претставници за новинската агенција Ројтерс, кои побарале анонимност, затоа што владата сè уште не донела одлука за наредните чекори.

Трет либански политички извор, близок до Харири, кој важеше за саудиски сојузник, вели дека Саудиска Арабија го натерала да поднесе оставка и го задржала во домашен притвор. Четврти извор, вели дека саудиските власти го контролираат и ограничуваат неговото движење.

Ненадејната оставка на Харири, прочитана на телевизија од Саудиска Арабија, го втурна Либан во длабока политичка криза и ја стави земјата во средина на регионалниот конфликт меѓу Саудиска Арабија и Иран.

Во говорот за оставката, Харири ги обвини Иран и либанската шиитска организација Хезболах за сеење раздор во арапскиот свет и рече дека стравува од атентат. Неговиот татко, политичкиот ветеран Рафик Харири, кој е исто така поранешен премиер, беше убиен во бомбашки напад во 2005 година.

Оставката, која ги изненади дури и најблиските соработници на Харири, поттикна бројни шпекулации дека долгогодишниот сојузник на Ријад бил принуден да се повлече зашто Саудиска Арабија сака жестоко да се конфронтира со Иран и со нивниот либански сојузник Хезболах.

Саудиска Арабија и „Движењето за иднината“ на Харири негираат дека тој е во домашен притвор. Сепак, тој не се појавил јавно да ги негира овие гласини. Движење за иднината соопшти дека сè уште го смета Харири за премиер и целосно го поддржува него и неговото водство. За нив, враќањето на Харири е неопходно за „враќање на внатрешниот и надворешен баланс на Либан“.

Саудиска Арабија, пак, соопшти дека Харири се повлекол затоа што Хезболах, кој е дел од неговата коалициска влада, го „киднапирал“ политичкиот систем на Либан.

Харири дојде на власт минатата година, по коалицискиот договор со повеќето либански политички партии, меѓу кои и со Хезболах. Според тој договор, христијанскиот политичар Мишел Аун, кој е сојузник на Хезболах, стана претседател на Либан.

Саудиска Арабија во прв момент го поздрави формирањето на владата, но жестоко ја критикуваше откако Харири поднесе оставка, велејќи дека не успеала да му се спротивстави на Хезболах, чија герилска армија е многу помоќна од слабата држава. Саудиска Арабија барала поцврст став кон Хезболах, вели владин извор.

Харири отпатува во Саудиска Арабија во петокот.

Владини претставници сè уште го сметаат Харири за премиер. Велат дека оставката не е доставена до владата и до претседателот Аун и затоа останува на функцијата.

Оставката на тајкунот Харири, чие семејство направи богатство работејќи во Саудиска Арабија, се случуа во исто време со бранот апсења на саудиски принцови и бизнисмени осомничени за корупција од страна на крунисаниот принц Мохамад бин Салман.

Американски претставници велат дека Саудијците „го охрабриле“ Харири да ја напушти функцијата.

Парламентарната група на Хезболах, пак, реагира дека Саудиска Арабија мора да престане да се меша во внатрешни работи на Либан.

Денеска, саудиското Министерство за надворешни работи ги повикало сите саудиски државјани веднаш да го напуштат Либан, како и да не патуваат во земјата од други држави, објави државната агенција СПА, повикувајќи се на официјални претставници. Причина за повикот се „околностите во Либанската Република“, се вели во образложението.

XS
SM
MD
LG