Достапни линкови

Безбедноста на премиерот во јавноста, превенција или гаф?


Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на владина седница

Безбедносните експерти се поделени по прашањето дали информациите за безбедноста на премиерот треба да се објавуваат јавно. Некои тврдат дека службите треба да си ја работат работата без да зборуваат за тоа во јавноста. Други, пак, сметаат дека превентивно, јавноста сепак треба да биде информирана.

По изјавите во јавноста дека премиерот Зоран Заев веќе две години е под постојани закани за атентат, експертите со спротиставени мислења за тоа дали вакви сознанија треба да се кажуваат јавно. Љубомир Ѓурчески, безбедносен експерт и поранешен началник во МВР, вели дека овој вид безбедносни информации треба да бидат затворени за јавноста и да останат внатре во рамките на безбедносните служби.

„Такви безбедносни информации не се даваат во јавност. Тие треба да останат строго затворени внатре во службите за безбедност. Шестата управа во МВР веднаш треба да изготви нови планови, да го зголеми обезбедувањето и да ги следи сите можни ризици. Вакви сознанија предизвикуваат револт и страв кај граѓаните и затоа не се даваат во јавност“, смета Ѓурчески.

За разлика од него, професор Никола Дујовски од Факултетот за безбедност смета дека јавноста треба да биде информирана и дека тоа се прави превентивно.

„Обраќањето на министерот за внатрешни работи повеќе го сфаќам како превентивно, да знаат сите во земјава коишто макар и несериозно имаат вакви намери, дека МВР следи и ќе преземе навремени мерки да се превенира, спречи или одбие ваков напад врз премиерот или која било друга личност која се обезбедува во Република Македонија“, изјави Дујовски.

Ѓурчески не е изненаден од информациите за постојани безбедносни закани по премиерот, зашто како што посочува, во секоја држава први на удар се луѓето кои раководат со државата. Тоа што одговорните се одлучиле овие информации да ги соопштат во јавноста, според него, најверојатно е резултат на потребата да се оправда изјавата на премиерот Заев во интервју за црногорското радио Антена-М во која вели дека безбедносните аналитичари го предупредиле на ризик од атентат.

„Тие како служби сега мора да ја испеглаат таа изјава на Заев, за да не излезе дека е политички гаф. Од друга страна, пак, безбедносните служби со цел да си го подобрат својот авторитет и своето влијание и моќ во државата, понекогаш претеруваат со ваквите безбедносни информации со цел лидерите да ги стават во едно стаклено ѕвоно и да ги држат под постојан страв, за да остваруваат одредени бенефиции“, вели Ѓурчески и додава дека една ваква информација генерално создава одредена доза на страв и несигурност кај луѓето, особен ако се земе предвид и фактот што ние сме држава во којашто веќе имавме обид за атентат и пад на авион на претседател.

Инаку, пред два дена министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека заканите по премиерот се од 2015 година и дека во периодот пред да биде избран за премиер, Заев побарал и обезбедување. Тој сепак нагласи дека полицијата успешно се справува со заштитата на Заев.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG