Достапни линкови

Ципрас: Грција и САД делат исти вредности


Грчкиот премиер Алексис Ципрас во Вашингтон се најде во непријатна ситуација откако беше запрашан за неговата изјава дека американскиот претседател Доналд Трамп претставува зло за светот. До ова дојде на заедничката прес-конференција по нивните разговори во Белата куќа.

Премиерот Ципрас од еден новинар беше запрашан:

„Господин премиере, во однос на претседателот, во март 2016 година, за можното претседателствување на Доналд Трамп, рековте, цитирам: „Се надевам дека нема да се соочиме со ова зло“. И јас се прашувам дали, откако се сретнавте со претседателот, сте го смениле мислењето или не?“.

На одговорот на премиерот Ципрас му претходеше забелешката од претседателот Трамп:

„Зошто не ми го кажавте ова пред тоа?“.

Грчкиот премиер одговори дека не се почувствувал загрозен за време на разговорите со Трамп, наведувајќи дека мнозинството Грци ја сакаат Америка.

„САД се многу голема сила, а нивната способност да интервенираат за добро е многу, многу важна. Сакам да потврдам дека средбата што ја имавме беше многу продуктивна. Ниту еден миг не се почувствував дека сум загрозен“, рече тој.

Наведувајќи дека не треба да се заборави оти вредностите на демократијата и слободата се родени во Грција и оти тие се основни вредности и на американската култура и традиција, Ципрас додаде:

„Претседателот на САД ја продолжува оваа традиција и мислам дека нашата соработка ќе биде многу значајна и јас сум многу оптимист по нашата средба што ја имавме денеска“, рече тој.

Американскиот претседател ја пофали Грција затоа што и покрај тешката финансиска состојба троши повеќе од два проценти од својот бруто домашен производ за одбраната, како и за најавената зделка за модернизација на нејзините авиони Ф-16. Пред средбата со Ципрас, Трамп вети дека Соединетите Држави долгорочно ќе ја поддржуваат таа земја, оценувајќи:

„Ќе зборуваме за дополнителни начини на кои Грција може да ни помогне и ние ќе и помогнеме на Грција. Имавме долгорочни односи со Грција, тие беа одлични пријатели и лојални сојузници“, рече Трамп.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG