Достапни линкови

Катастрофални услови на Гинекологија, умираат по три бебиња неделно


Од почетокот на годинава до почетокот на овој месец починале 127 бебиња, информираат од државата Клиника за гинекологија. Ризичните бремености и лошите услови на интезивната нега во Клиниката се дел од причините за смртноста.

По две бебиња во еден инкубатор за предвреме родени бебиња, 4 медицински сестри во една смена кои се грижат понекогаш и за 50 бебиња, недостиг на лекари, педијатри, анестезиолози и хистопатолози, неисправна вентилација и неисправен систем за загревање во оперативните сали, покрив кој протекува и флеки од влага од последниот кат во собите на пациентите, па сè до подрумските простории каде што се сместени лабораториите. Ова се дел од забелешките на државниот санитарен инспекторат кој изминатава недела правеше контрола во Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Само во изминативе 9 месеци починале 127 бебиња, велат од ГАК. Лошите услови и недостаток на кадар се само дел од можните причини за зголемената смртност на новороденчињата.

Директорката на инспекторатот Ирина Сотирова Бухова вели дека констатирани се низа забелешки и проблеми што се однесуваат на просторните услови и опремата, како и во недостатокот на стручен кадар, кои може да влијаат врз судбината на новороденчињата, особено на оние кои се предвреме родени.

„Морам да напоменам дека секое новороденче е индивидуален случај, и факторите кои довеле до несакан смртен исход се индивидуални, но сите овие услови, односно неисполнувањето на условите кои се нотирани од инспекцискиот надзор може да придонесат за негативен исход, но за секое новороденче има индивидуален пристап“, вели Сотирова Бухова.

Таа посочува дека вкупно на ГАК се вработени 300 стручни лица, од кои 86 се доктори-специјалисти, 125 акушерки, 60 медицински сестри и 29 лаборанти. Според неа, оваа бројка не ги задоволува капацитетите со кои функционира клиниката.

Директорката на ГАК Викторија Јовановска вели дека краткорочни решенија за кадарот нема, по изборите ќе се обидат на вработат медицински кадар, но за специјалисти ќе им биде потребно повеќе од една година, па во меѓувреме ќе се снаоѓаат со увезување на кадар, односно со хоризонтална миграција на кадар.

„Последниот анестезиолог е примен пред 15 години. Нема педијатри. Немаме инструментари. Ако ми верувате, сестрите дежураат за 150 денари. За малку ќе требаше да затвораме оперативни сали, затоа што немавме инструментарки. Во преговори сме со педијатри, кои ќе ги едуцираме и примиме“, вели директорката Јовановска.

Таа посочува дека проблемите се стари со години, но од некаде мора да се почне.

Јовановска додава дека како клиника стартувале дел од активностите за надминување на овие проблеми, но поради изборниот период Клиниката е ограничена во средувањето на состојбите. Таа изјави дека по изборите ќе се преземат итни мерки за средување на состојбите, од кои како битна ја истакна мерката за солидно плаќање на трудот на вработените. Таа додаде дека добила ветување и од Владата и од Министерството за здравство за нова опрема, односно им било најавено дека ќе обезбедат нови 15 инкубатори за ГАК, како и пет кои ќе бидат во болниците во внатрешноста за да може во матичните установи да се префрлат бебиња кои се веќе извлечени од кризата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG