Достапни линкови

Дали ЕУ ќе и дозволи независност на Каталонија?


Протести во Барселона, два дена по референдумот за независност на Каталонија.

Меѓународното право и Уставот на Шпанија не дозволуваат референдум за независност на Каталонија, оценуваат дел од македонските експерти кои ја следат ситуацијата. Но, и наведуваат дека ЕУ може да попушти доколку прашањето претходно помине низ дебата и усогласена процедура.

Ставот на ЕУ за референдумот за независност на Каталонија е очекуван, коментираат македонските експерти кои ја следат кризата во Шпанија и прашањето кое ја разбранува светската јавност. Европската Комисија соопшти дека рефендумот во Каталонија не бил легален и дека тоа е внатрешно прашање за Шпанија. Од Комисијата повикаа и на дијалог меѓу властите во Каталонија и во Мадрид.

Професор Беким Кадриу од Правниот факултет на Универзитетот во Тетово, вели дека таквиот начин на одржување на референдум и прогласување на независност во меѓународното право не е поддржан.

„Има такви тенденции и идеи, меѓутоа во меѓународното право се поддржува концептот на суверенитет на државата и ваквите форми во наводници на самоопределување и прогласување на независност се недозволиви генерално како начело и принцип. Значи и домашното законодавство и Уставот на Шпанија не дозволува ваквите единки да прогласат независност и да се отцепат од земјата. Јас не очекувам ЕУ, нејзината земја членка Шпанија, да дозволи независност на Каталонија“, вели Кадриу.

Тој како сличен пример го наведува и обидот на Квебек за независност во деведесеттите години на минатиот век, но Врховниот суд на Канада донел одлука дека тоа е недозволиво.

Поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, посочува дека во принцип државите се солидарни кога станува збор за единството и многу тешко поддржуваат сецесионистички тенденции, како онаа на Каталонија.

„Но, се разбира, бидејќи ние на европскиот континент живееме во услови на демократија, крајната опција е барем регуларна, врз основа на дебата и усогласена процедура која евентуално би довела до отцепување, нешто како она што се случи во Шкотска. Значи тој елемент треба да го имаме предвид. Во принцип се против сецесија, но доколку притисокот продолжи, би ја поддржале доколку тоа се оствари преку дијалог со централните власти и со оние коишто сакаат да се отцепат“, тврди Малески.

Тој посочува и дека Унијата никогаш не е среќна насилно да се отцепуваат делови од држави кои се суверени и кои на тој начин си ги бранат своите интереси.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG