Достапни линкови

Каталонија пред независност, Шпанија во криза


Илјадници Каталонци излегоа на улиците да го прослават референдумот за независност што се одржа и покрај обидите на шпанската полиција да го спречи. Според првичните резултати, деведесет насто од оние што излегле на референдумот гласале за независност на Каталонија Во насилствата биле повредени над 840 граѓани и 30 полицајци.

Портпаролот на каталонската влада Жорди Турул изјави дека 90 проценти од 2,26 милиони Каталонци кои гласале во неделата, на ливчето заокружиле „да“ за независност.

Тој додаде дека скоро 8 проценти ја отфрлиле независноста, додека преостанатите гласачки ливчиња биле празни или неважечки.

Турул нагласи дека во вкупниот број гласачки ливчиња не спаѓале и оние што ги конфискува шпанската полиција во текот на насилните упади за да го запре гласањето.

Џозеп еден од поддржувачите на референдумот вели:

„Она што се случи денеска е победа на граѓаните без сомневање. Луѓето излегоа и гласаа и ги кренаа рацете пред полицијата. Немаше никакви обиди за агресија врз полицијата“.

Каталонските власти соопштија дека шпанската полиција затворила 319 од околу 2300 избирачки места каде што можеа да гласаат 5,3 милиони луѓе.

Еден од двата главни синдиката на Шпанија повика на генерален штрајк во вторник за да се осуди насилството на државните органи.

Претседателот на Каталонија Карлес Пучдемон изјави дека ќе одржи ветувањето за еднострано прогласување независност. Тој по завршувањето на гласањето изјави:

„На овој ден на надеж и страдање, каталонските граѓани заработија право да имаат независна држава во форма на република“.

Пучдемон најави дека резултатите ќе му бидат предадени на каталонскиот парламент кој треба да донесе натамошни одлуки во согласност со законот за референдум.

Од друга страна шпанскиот премиер Маријано Рахој оцени дека Каталонија не успеала да го одржи референдумот за независност.

„Во овој момент можам да ви кажам со најсилни зборови она што веќе го знаете и она што го видовме во текот на овој ден. Во Каталонија денеска немаше референдум за самоопределување“.

Тој, наведувајќи дека многу граѓани биле излажани од каталонските власти да излезат на референдумот им заблагодари на безбедносните сили за спроведување на законот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG