Достапни линкови

Рохинџа – Народ без држава, мета на брутални насилства


Рохинџа бегалци чекаат да влезат во кампот Кокс Базар во Бангладеш на 30 август 2017
Рохинџа бегалци чекаат да влезат во кампот Кокс Базар во Бангладеш на 30 август 2017

Многумина сметаат дека насилствата врз народот Рохинџа во Бурма не се само „школски пример на етничко чистење“, како што оценува комесарот за човекови права на ОН, Зајид ел Хусеин, туку дека е геноцид.

Страданијата на народот Рохинџа во Мајнмар, или по старо Бурма, можеби и не би привлекло толку големо внимание од меѓународната јавност да не беше долгиот шокантен молк, па и негирање на злосторствата од страна на Аунг Сан Су Ќи, некогашната икона на демократското движење и симбол на страдањето во светот, а сега де факто лидер на оваа земја.

Дури после цел месец, очигледно под притисок на меѓународната заедница, Су Ќи, која е добитничка на Нобеловата награда за мир во 1991 година, непрецизно го осуди „секое кршење на човековите права“, најавувајќи дека сите одговорни ќе се соочат со законот.

Илјадници Рохинџа бегалци пристигнуваат во Бангладеш
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00

Верски и етнички конфликт кој трае со децении

Неволјите на меѓу 1,1 и 1,3 милиони припадници на народот Рохинџа сепак не започнаа со оружениот конфликт на 25 август годинава, туку уште во Втората светска војна, кога се бореа против националистичките будистички сили во бурманската провинција Ракајн. Рохинџа беа на британска, а будистите на јапонска страна во конфликтот, но тензиите останаа и по завршувањето на војната.

Рохинџа, главно муслимани, беа не само маргинализирани како малцинство, туку веќе долго време живеат и во некој вид апартхејд, скоро без право на слободно движење, а во 1982 година им беше ускратено и правото на државјанство, зашто властите ги сметаат за нелегални мигранти – „бенгалски натрапници“, кои дошле од соседниот Бангладеш. Рохинџа, пак, велат дека може да докажат оти со векови живеат во Бурма. Поради преселбите за време на Втората светска војна, муслиманите станаа мнозинство на северот на сојузната држава Ракајн, додека будистите се мнозинство на југот.

Овој „народ без татковина“ беше меѓу најпрогонуваните во светот за време на бурманската воена хунта која вкупно 15 години ја држеше Аунг Сан Су Ќи во домашен притвор, со повремени прекини. Во тоа време, вниманието на меѓународната јавност беше фокусирано токму на неа, како на икона на демократското движење и апелираше до генералите да ја ослободат. Малку кој знаеше дека Рохинџа народот воопшто пости, а камоли за тоа со што се соочува.

Една од причините за недостигот од информации беше и тоа што Бурма во тоа време, заедно со Северна Кореја, беше една од најзатворените земји во светот. Од друга страна, ни светските медиуми не покажуваа некој посебен интерес.

Бурма има околу 51 милиони жители. Клучна улога во прогласувањето на независност одигра Аунг Сан, таткото на Су Ќи, кој се смета за татко на модерна Бурма. Сепак, во 1962 година, воената хунта ја презеде власта.

Аунг Сан Су Ќи беше ставена во куќен притвор во 1989 година, иако нејзината партија во меѓувреме победи на изборите. Набрзо таа стана икона и симбол на страдањата.

Пред две години нејзината партија повторно победи на изборите и таа де факто ја презеде власта. Тоа беше поздравено од целиот демократски свет. Токму поради тоа, ставот на Су Ќи за страдањата на Рохинџа предизвика разочарување кај многумина кои со години ја поддржуваат.

Бунтови и репресии

По воениот удар од 1962 година, состојбата на малцинствата стана уште потешка, особено на Рохинџа, поради што повремено избиваа бунтови. Нивната состојба дополнително се влоши по судирите меѓу муслиманите и будистите во 2012 година во кои загинаа околу 200 луѓе, а 140 илјади луѓе, главно Рохинџа, беа раселени. Околу 120 илјади луѓе оттогаш живеат во нешто што личи на концентрациони логори.

Околу 120 илјади Рохинџа живеат во нешто што личи на концентрациони логори
Околу 120 илјади Рохинџа живеат во нешто што личи на концентрациони логори

Поради тоа што немаат државјанство, драстично им се ограничени правата на образование, работа, патување, склучување брак, верски обреди, како и лечење, наведува Амнести интернејшнал. Многу деца не одат на училиште, венчавките мора да бидат одобрени од локалните власти, а значително е ограничена слободата на движење надвор од селата или меѓу градовите.

Властите, пак, велат дека на Рохинџа не може да им се овозможи слобода на движењето, затоа што не се државјани на Бурма. Власта реагира брутално на секој обид за бунт.

По доаѓањето на власт на почетокот на 2016, владата на Су Ќи како приоритет ја постави транзицијата на власта, но генералните сè уште имаат голема моќ во земјата.

ОН во февруари објавија извештај со докази за масовно кршење на човековите права на Рохинџа, кои дури може да се сметаат како злосторства против човештвото.

Провинцијата Ракајн е богата со природни ресурси, вклучително и гас, но три четвртини од жителите се сиромашни. Поради тоа, многумина сметаат дека единствениот излез е во вооружен отпор. Во октомври минатата година, вооружени со малку огнено оружје, ножеви и стапови, почнаа напади врз полициски пунктови. Следуваше жестока одмазда од страна на власта, вклучувајќи убиства, силувања и палење на цели села, поради што 87 илјади Рохинџа избегаа во Бангладеш. Тоа, пак, го зголеми отпорот од Рохинџа. Во август годинава изведоа многу поголем напад.

Многумина млади ѝ се придружуваат на „Аракан Рохинџа армијата на спасот“(АРАС), додека постарите се склони на дијалог со властите и сметаат дека насилниот отпор е контрапродуктивен.

Властите ја сметаат АРАС за терористичка организација.

Комисијата на ОН препорачува да им се даде право на Рохинџа на државјанство, како дел од мерките за надминување на кризата.

Хуманитарна криза низ политички диоптер

Во судирите во последните два месеци беа убиени стотици Рохинџа, 62 села беа запалени, а 6.800 нивни домови беа уништени, наведува Хјуман рајтс воч. Поради тоа, од крајот на август, повеќе од 400 илјади Рохинџа избегаа во Бангладеш, каде што од претходно живеат уште толку нивни сонародници, што е 80 проценти од вкупната дијаспора од овој народ.

„Сум следела многу бегалски кризи, но оваа е неспоредливо најтешка која сум ја видела“, напиша новинарката Хана Бич од Њујорк тајмс.

Рохинџа бегалка во Бангладеш раскажува дека изгорениците ги добила кога армијата ја запалила нејзината куќа
Рохинџа бегалка во Бангладеш раскажува дека изгорениците ги добила кога армијата ја запалила нејзината куќа

Многумина сметаат дека ова не е само „школски пример на етничко чистење“, како што оцени комесарот за човекови права на ОН, Зајид ел Хусеин, туку дека е геноцид. На ова предупредуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, студија на универзитетот Јеил и американскиот Музеј на холокаустот.

Армијата на спасот, која уште се нарекува и Харака ал-Јакин (Верско движење) е основана во Мека во Саудиска Арабија од 20 Рохинџа по потекло од Ракајн. Борците на терен ги обучуваат команданти со меѓународно искуство во герилско војување, како Атаула Абу Амар Џунуни, попознат како Ата Ула, лидер на АРАС. Тој е роден во Пакистан, а пораснал во Саудиска Арабија.

Иако не би можела да функционира без помош од страна, АРАС е пред сè локално движење со домашни борци.

Реакциите во светот се помешани. Муслиманските земји ги осудуваат злосторствата, додека останатите се воздржани и апелираат на прекин на насилствата.

Бурманските власти сметаат на поддршката од Русија и од Кина за спречување на меѓународни санкции. Кина, од политички и од економски интереси, ја поддржува кампањата на силите за безбедност на Бурма за одржување на „стабилноста“. Сличен став има и Индија, која не е благонаклона кон околу 40 илјади Рохинџа кои живеат на нејзина територија. Значи, реакциите на сите меѓународни актери се мотивирани, колку од хуманитарни, толку и од политички побуди.

Поради сите овие калкулации, Советот за безбедност на ОН на последната седница избегна да ја критикува Аунг Сан Су Ќи, очигледно сметајќи дека не е добро да ја подрива нејзината положба во соочувањето со сè уште моќната армија.

Критиките доаѓаат пред сè од активисти за човекови права.

Бегалскиот камп Кокс Базар во Бангладеш
Бегалскиот камп Кокс Базар во Бангладеш

Сепак, таа има мал маневарски простор со оглед на тоа што војската сè уште ги контролира клучните министерства. Од друга страна, преовладува мислењето дека таа не може да ги поддржи барањата на Рохинџа, а да не ја ризикува стабилноста во земјата во која омразата кон овој народ го обединува речиси сите – екстремните будисти, народните маси, армијата, па дури и, парадоксално, другите етнички малцинства кои се противат на Рохинџа да им се дадат државјанства и други права.

Западот секако би сакал поодлучна реакција од Сун Ќи, но свесни за ограничувањата со кои се соочува, се плашат од враќањето на армијата на власт. Затоа и нивната реакција е блага. Сепак, евидентно е зголемувањето на јазот меѓу Сун Ќи и западните дипломати.

Несомнено, некогашниот „морален џин“ на демократијата во меѓувреме стана многу прагматична политичарка.

Демонстрант во Ахмедабад во Индија држи транспарент со кој ја обвинува бурманската лидерка Аунг Сан Су Ќи дека е „Нобеловски ѓавол“ на 18 септември 2017
Демонстрант во Ахмедабад во Индија држи транспарент со кој ја обвинува бурманската лидерка Аунг Сан Су Ќи дека е „Нобеловски ѓавол“ на 18 септември 2017

Опасност од исламски радикализам

Рохинџа никогаш не биле задоени со исламски радикализам. Засега напаѓаат само воени цели. Нивна цел не е воведување шеријатско право, туку заштита на народот и поголема автономија. Сепак, Меѓународната кризна група предупредува дека овие цели може да се променат ако бурманските власти не сфатат дека проблемот не може да се реши со сила, а имајќи ги предвид врските на АРАС со странски џихадистички центри кои во изминатите години ги користат страдањата на Рохинџа за нивни пропагандни цели.

Доколку бурманските власти продолжат со насилството кон Рохинџа, тоа не само што ќе ги радикализира припадниците на овој народ, туку може да ги привлече исламистичките екстремисти ширум светот да се соберат таму да почнат „света војна“, како што беше случајот со Ирак во 2003 година или Сирија сега. Тоа го потврдува и неодамнешниот повик на Ал Каеда до муслиманите ширум светот да се борат на страната на Рохинџа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG