Достапни линкови

Силен земјотрес во Мексико, стотици загинати


Спасувачки екипи и обични граѓани ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани откако централниот дел на Мексико, вклучувајќи го и главниот град Мексико Сити, бил погоден од силен земјотрес. Се страхува дека би можело да има неколку стотици загинати.

Земјотресот со сила од 7,1 степени уривал згради и предизвикал голема паника меѓу 20 милионското население на градот Мексико.

На мексиканските медиуми и на социјалните мрежи се прикажуваат снимки на луѓе кои со голи раце бараат по урантините на зградите во густо населените делови на градот. Еве што изјавија некои од нив:

„Што можам да ви кажам? Ние не знаеме што се случило, бевме на петтиот кат, не знаевме дали зградата ќе падне. Бевме многу нервозни“.

„Евакуацијата се случи многу брзо и луѓето беа во ред. Имаше паника, но ништо не излезе од контрола“.

До овој потрес дојде по две недели од земјотресот со сила од 8,2 степена што на југот на земјата уби над 90 луѓе.

Претходно во градот се одржувала вежба за подготвеност од елементарни непогоди и тоа на денот на одбележувањето на годишнината од разорниот земјотрес од 1985 година кога во градот загинаа 10 илјади луѓе.

Според мексиканските власти, четириесетина згради, вклучувајќи училишта, биле сериозно оштетени или уништени.

Мексиканскиот претседател Енрике Пења Нието изјави дека над 20 деца загинале под урантините на едно училиште, и оти за уште 30 други се трага.

„Ние се соочуваме со вонредна состојба во Мексико Сити и во државите Пуебла и Морелос по овој земјотрес со сила од 7,1 степени со епицентар во Морелос и Пуебла. Ние сме тука во Мексико Сити за да им помогнеме на засегнатите лица“.

Тој ги повика граѓаните да бидат претпазливи поради оштетувањата на зградите.

Најголемиот дел од Мексико Сити е изграден на дното на некогашно езеро.

Тоа, како што наведуваат експертите, ги засилува ефектите на земјотресот дури и кога неговиот епицентар е далеку на стотици километри.

Во истовреме со вчерашниот земјотрес на мекисканскиот вулкан Попокатапетел била забележана слаба ерупција.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG