Достапни линкови

Посетата на Коѕиас и смртноста на бебињата - главни медиумски теми


Илустрација-министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕиас

Еднодневната посета на шефот на грчката дипломатија во Скопје е главна тема во печатените и електронските медиуми. Весниците и порталите пишуваат и за смените во јавното обвинителство и советот на обвинители, реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ, случаите со смртноста на децата.

За еднодневната посета на шефот на грчката дипломатија во Скопје и разговорите со највисоките државни и владини претставници на земјава допрва ќе се дознава и допрва ќе следуваат анализи.

Во средата, Нова Македонија објави текст со наслов: „Спротивставени мислења на аналитичарите пред посетата на Коѕијас“, кои иницираат неколку прашања: дали тенденцијата за затоплување на односите со соседите, како услов без кој не се може, а поставена како бенчмарк од ЕУ за Македонија за придружување во европското семејство ќе продолжи со иста динамика по договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија и по затегнувањето но брзото олабавување на односите со Србија? И, колку ЕУ или САД ќе авансираат во подобрувањето на односите помеѓу Македонија и Грција?

Истиот весник информира дека премиерот Зоран Заев примил делегација на Демократската странка (ДС) од Србија со нејзиниот претседател Драган Шутиновац, при што изразил задоволство од брзото надминување на ситуацијата создадена со повлекувањето на дипломатскиот персонал од српската амбасада во Скопје. Печатените медиуми информираат дека Лилјана Спасевска е назначена за в.д. државна јавна обвинителка, а дека претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски поднесе оставка. Вечер ја објавува изјавата на министерот за здравство Таравари: „Сите јавни здравствени установи се во долгови“, но и изјавата на Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ дека „Македонското здравство ги имаше најцрните 10-ина дена во својата историја“.

Порталот Курир.мк насловува: „Бебињата масовно умираат, но за коалицијата Заев – Села е поважно таа да се одржи отколку животите на децата“. Вечер прашува: „Дали новите тројазични табли во Клиниките се реформи?“ Слободен печат излезе со наслов: „Универзитетските професори вклучени во консултациите за програмата на економски реформи“, следејќи го состанокот во Министерството за финансии меѓу владини министри и универзитетски професори по економија. Истиот весник пишува дека на веб-страницата на Министерството за економија јавно се објавени буџетот, јавниот долг и други податоци за информирање на граѓаните.

Нова Македонија информира дека реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ објавија Декларација за реформа на ВМРО-ДПМНЕ, а Слободен печат дека групата реформатори ја претставиле Декларацијата на сестринските партии во Европарламентот за време на посетата во Брисел. Порталот Фокус, пак, информира дека Декларацијата добила поддршка во Брисел. Како што изјавил еден од реформаторите, Александар Михајловски, „оваа поддршка недвосмислено кажува дека партијата треба да се реформира како предуслов за деизолација и враќање на угледот на Партијата, нарушен во изминатите години со погрешни политики“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG