Достапни линкови

Продолжува одливот на лекари од дебарско


Деан Насуфовски, доктор од Центар Жупа, кој работи во Германија
Деан Насуфовски, доктор од Центар Жупа, кој работи во Германија

Главни причини поради кои заминуваат лекарите од Македонија се можноста побрзо да се дојде до специјализација и поради повисоката заработувачка, вели доктор Деан Насуфовски од Центар Жупа, кој специјализираше и работи во Германија.

Во општините Дебар и Центар Жупа подолг период има недостиг на лекари. Оние кои завршуваат факултет ја напуштаат нашава земја и се вработуваат во странство.

Деан Насуфовски од руралната општина Центар Жупа пред десет години заврши Медицински факултет во Скопје со висок просек, но потоа замина за Германија каде што денеска работи како лекар специјалист. Според него, во странство многу брзо се напредува во професијата, а и многу повеќе се заработува.

„Како две главни причини, според мене, поради кои лекарите од Македонија заминуваат во странство се можноста да се дојде побрзо до специјализација, но исто така и поради повисоката заработувачка, односно финансиската причина. По завршување на факултет во Скопје требаше да плаќаме партиципација за специјализација и треба да се чека. Во Германија ако имате квалитет одете многу брзо напред во професијата“, вели Насуфовски.

Посочува дека таму не се прават разлики меѓу домашните и странските кадри. Квалитетните кадри напредуваат, вели тој.

„Кога говориме за напредок во професијата, верувајте дека во Германија не се прават разлики дали си Германец или си од друга националност“, вели тој.

РСЕ: Што специјализиравте во Германија и како одеше специјализацијата?

„Јас специјализирав интерна медицина и моја оценка е дека ако си добар кадар можеш да напредуваш. Работам во одделот за геријатрија од еден германски град и наскоро ќе имам и субспецијализација за пулмологија“, вели тој.

РСЕ: Би се вратил ли во Македонија да работиш во својата струка како лекар специјалист?

„Зошто да не? Но јасно, ако ми се обезбедат сите потребни услови“, објаснува Насуфовски.

Инаку од општините Дебар и Центар Жупа во странство само во текот на последните две години заминале над 40 високошколски кадри меѓу кои и лекари. Одливот на кадри е во континуитет и се случува во време кога и во двете општини во најзападниот регион на Македонија име голем недостиг на лекари и други кадри.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG