Достапни линкови

Пачкова – Против дискриминацијата на самохраните родители


Нашата земја нема специфични закони за еднородителски семејства, ниту пак какви било бенефиции. Денеска во Македонија нашите деца се мета на дискриминација, самохраните мајки исто така, вели уметницата и граѓанска активистка Дороти Пачкова во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Дороти Пачкова, уметница, граѓанска активистка и претседателка на Здружението на самохрани мајки ЕДНА МОЖЕ. Родена 1985 година во Скопје, Пачкова дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на отсекот сликарство и графички дизајн во класата на професор Жанета Вангели. Зад себе има седум самостојни изложби, концептуални проекти и групни претставувања, а сем во родниот град изложувала и во Прилеп, Софија и во Берлин. Таа е магистрант на Институтот за социјални и хуманистички науки, на отсекот по Родови студии и врши истражувања на теми што се однесуваат на општеството, културата и родовата еднаквост и е поборник за правата на маргинализираните и социјално загрозени групи на луѓе.

Дороти, што е она што ве натера да се обедините? Кон што го вперувате прстот? Зошто станавте гласни?

ЕДНА МОЖЕ денеска е официјално здружение за еднородителски семејства и е единственото активно здружение, кое секојдневно работи на унапредување на правата на еднородителските семејства, пред сè на самохраните мајки и нивните дечиња во нашата земја. Но, ЕДНА МОЖЕ не беше вака, како што е денес. Почетоците ги имаше благодарение на неколку силни и храбри самохрани мајки кои ја увидоа потребата и неопходноста од формирање на нешто кое би се борело против целиот систем, кој денес, за жал, сè уште не ги препознава посебните и специфични права на еднородителските семејства. Бевме неколку гласни жени, а сега сме околу 3.000 гласни жени. На почетокот бевме неформално движење, бевме иницијатива, прераснавме во грасрут движење, па сега сме официјална организација за еднородителски семејства и гласно и умно ги артикулираме нашите потреби. Кога бев бремена и самохрана мајка во очекување, не бев свесна за сите проблеми со кои се соочуваат самохраните мајки и еднородителските семејства во нашата земја. Кога го донесов на свет моето дете, тогаш ми стана јасно дека не е толку едноставно, иако сме 21 век, да одлучиш самостојно, самоволно да родиш дете или пак да бидеш принуден и доведен во ситуација да треба сам да гледаш дете. Нашата земја нема специфични закони за еднородителски семејства, ниту пак какви било бенефиции. Денеска во Македонија нашите деца се мета на дискриминација, самохраните мајки исто така. Сите бевме сведоци пред неколку месеци, во зимските месеци, дека на социјалните медиуми имаше лавина од навреди и дискриминаторски зборови по разни основи, по основ на пол, на семеен статус, на брачен статус, конкретно кон самохраните мајки. Затоа се обединивме, се здруживме и трезвено дејствуваме, со цел да ги обезбедиме правата кои ни следуваат, а кои ги немаме.

Каде го гледате излезот од лавиринтот?

ЕДНА МОЖЕ не е тука да вперува прст, ЕДНА МОЖЕ е тука да прави притисок за ова да биде рамноправно општество. Пред сè е тука за ова да биде рамноправно општество кон еднородителските семејства. Семејниот конструкт е оној кој не одлучува дали ќе има среќа и добробит и просперитет во едно семејство или нема да има. Ние може да имаме среќни семејства, ние можеме да гаиме здрави, прави и умни деца, без притоа да ни биде неопходен друг партнер, што не го исклучува присуството на другиот партнер, меѓутоа ние ја согледуваме потребата ова општество да ги прилагоди законските рамки и целиот систем кон овој вид на семејства. Истовремено се обидуваме да го едуцираме и населението и широкото граѓанство кон нормалното прифаќање на еднородителските семејства и пред сè дечињата од еднородителските семејства. Ако на нас ни се во фокусот децата, како на возрасни луѓе, треба да ни бидат во фокусот и децата од различни семејни конструкти, што не е случај во нашата земја.

Во ваквиот след на настаните, каде е пак уметницата Дороти Пачкова? Дали можеби таа може да се изгуби во активизмот?

Ако вака размислуваме, поголем активизам од тоа да ги обединиш сите самохрани мајки во нашата земја, при сите неможности, не гледам. Енергијата е нешто што не се губи, кое се трансформира, па затоа исто така не верувам дека ќе се изгуби активистката во Дороти со сите овие активности, а Дороти уметницата е идентитетот во кој ми е најудобно и во кој со најголемо задоволство пливам. И ако ја немав уметничката нишка немаше да можам да го создадам ниту претпријатието, ниту да ги обединам жените, ниту да ја креираме оваа козметика.

Целото интервју со Дороти Пачкова може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG