Достапни линкови

Локални избори за националистички игри


Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика
Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика

Знаејќи дека власта на локално ниво е последниот бастион кој мора да се брани ако навистина мислат да го вратат својот пастир во Илинденска 2, ВМРО-ДПМНЕ почна да пука со сите оружја, пишува политикологот Соња Стојадиновиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Почетокот на кампањата за претстојните локални избори почна со вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ. Знаејќи дека власта на локално ниво е последниот бастион кој мора да се брани ако навистина мислат да го вратат својот пастир во Илинденска 2, ДПМНЕ почна да пука со сите оружја. Минатата недела референдумот против отворање на рудник за бакар и злато во околината на Валандово беше неуспешен. Активистите против новиот вид на труење на граѓаните прстот за посочување на виновникот го вперија во актуелниот градоначалник кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Мора да се изборат договорените провизии. Од друга страна активистите за правата на работниците иако на Фејсбук, сепак јавно кажаа дека одредени работодавачи им се заканувале со отказ на своите работници ако излезат на референдум. Топката е префрлена во дворот на Инспекторатот за труд кој е под капа на Министерството за труд и социјална политика.

Чекорот за воведување на двосменско работење на градинките граѓаните гласно го поздравија, сепак реализацијата на оваа добредојдена мерка е ставена под знак прашалник. Имаме ли доволно квалификувани воспитувачки за да се покрие двосменската работа, а да не трпат децата? И дали „силниот“ вмровски кадар кој беше вработен по разни државни институции со образование од Педагошки факултет ќе биде прераспределен по градинките врз основа на образование? Не можете да оставите граѓанин кој е квалификуван да работи во градинки и слични образовни установи да работи во пошта или во цивилно воздухопловство. Редно е Министерството за социјална политика да стане и за политика на трудот. Ова министерство во времето на ДПМНЕ беше потценувано, злоупотребувано за контрола на социјалните случаи, алатка за скратување на работничките права во спрега со корумпираните синдикати. Интересно е што со новата влада стана огромно дрво во окото на опозицијата со мерките кои ги спроведе за само неколку месеци.

Дополнителниот проблем што го отвори ВМРО-ДПМНЕ за Министерството за труд и социјална политика е безобразната и лицемерна кампања која ја водат против наводното вдомување на 100 илјади бегалци од Блискиот Исток. Мора да се напомене дека бројката на бегалци варира во зависност од локацијата на кампањата на ДПМНЕ. Некаде се сто илјади, некаде двесте илјади. Обвинувањата кои ги пласираат на сметка на МТСП се дека со Стратегијата за интеграција на бегалците ќе бидат изградени социјални станови за згрижување на бегалците и со тоа ќе ни се смени демографијата и ќе си го изгубиме идентитетот. Зошто ВМРО-ДПМНЕ не каже дека креатори на оваа Стратегија се токму тие кои први ја напишаа за период 2008-2015, а последната верзија е само наградување на првичната? Типично однесување за ДПМНЕ кога доаѓаат избори, што побрзо своето ѓубре да го префрлиме на грбот на позицијата за да можеме да плукаме и лажеме. Стратегијата не ги опфаќа само бегалците од Блискиот Исток кои останаа во Македонија, а тие не се повеќе од 70 луѓе, туку и бегалците од кризата во 1999 година, заедно со социјалните случаи кои сè уште немаат сопствен дом. Сама по себе не е обврзувачки документ и е подложна на промени, но не смееме да го отфрлиме фактот дека главна цел на министерството со оваа Стратегија е да се намали бројот на социјални случаи без дом.

Својата кампања за локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја базира на една лажна бројка од 100 илјади бегалци кои во бегалските кампови во Македонија не постојат, но наводно допрва ќе ни дошле. Тажно е и смешно кога ги гледате стари луѓе што одат по масичките да се потпишат против бегалците, а тие се од генерациите кои преживеале бегалска голгота. Уште побезобразно е базирањето на кампањата на ДПМНЕ врз измислените бегалци, свесни дека немаат проекти и идеи за решавање на проблемите на граѓаните на локално ниво. За нив поважно е ширење на исламофобија, отколку да се реши проблемот со ѓубрето во Тетово, со депонијата во Струга, со патот Кичево-Охрид, со високиот степен на иселени граѓани од Берово, со заболените од рак во Битола.

Потценетото Министерство за труд и социјална политика има доста работа. Слушање на гласот на работниците наспроти гласот на работодавачите, за да докаже дека е министерство за сите наведени проблематики, а не само за социјалните случаи. Објаснување на Стратегијата за бегалците на јавноста за да им се затне устата на ДПМНЕ. Планот за живот во Македонија во голем дел зависи од ова министерство.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG