Достапни линкови

Кои се приоритетите на наследникот на Зврлевски


Архивска фотографија - Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, и јавниот обвинител марко Зврлевски на Седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Архивска фотографија - Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, и јавниот обвинител марко Зврлевски на Седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Со 64 гласови „за“ и ниту еден против и воздражан Собранието на Република Македонија денеска попладне на продолжението на шестата седница го разреши државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

На гласањето не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителни акти за истрагите на Специјалното јавно обвинителство, расчистување на нападите од 27 април во Собранието, празнење на фиоките на обвинителите од нерешени предмети, воведување ред во јавните обвинителства како и внатрекадровски смени на луѓето кои на тие позиции дојдоа од политичките „тефтерчиња“, се само дел од приоритетите на новиот државен јавен обвинител, велат правните аналитичари. Тие објаснуваат дека нема да му биде лесно на тој што ќе се нафати да ја работи оваа работа, имајќи ја вo предвид досегашната состојба.

Наследникот на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски ќе има полни раце работа, и 24 часа во еден ден ќе му бидат малку, ако навистина засука ракави за да спроведе реформи во јавното обвинителство, вели поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев. Тој објаснува дека без кадровски смени особено во скопското обвинителство нема да имаат ефект реформите.

„Па ако тоа не се случи ништо нема да се постигне. Само јавниот обвинител на Република Македонија не може ништо сам да направи. Внатре има еден куп луѓе кои се влезени по разно разни основи, од основните јавни обвинителства, особено во скопското јавно обвинителство. Сведоци сме на многу постапки кои сè уште не се отпочнати, ниту пак имаат намера да ги отпочнат. Сето тоа треба да се отвори, да се види зашто не е почнато, зошто воопшто не е поставувано и така натаму“, вели Илиев.

Тој се надева дека Владата овој пат ќе се определи за кандидат кој што ќе има сила и поддршка да биде независен.

„Бидејќи јавното обвинителство не е дефинирано како независен орган туку како самостоен орган. И затоа предлогот за избор на Јавен обвинител е од Владата. Да профункционира убаво, затоа што во примена е новиот закон за кривична постапка за кој јавното обвинителство не беше ниту спремно, ниту кадровски, ниту стручно, па затоа еве кои последици од тоа денеска ги чуствуваме“, вели Илиев.

Во меѓувреме тивко течат и подготовките за трката за наследник на Зврлевски. Во јавноста веќе се шпекулира со звучни адвокатски имиња и неколку професори кои покажале интерес за таа функција.

Јавен обвинител на Република Македонија е функционер именуван од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување.Според законот за јавното обвинителство Собранието на предлог на Владата го огласува именувањето на јавен обвинител во службен весник и во најмалку два дневни весника. Следува рок од 15 дена на пријавување на кандидати, разгледување на нивните биографии, по што Советот на јавни обвинители повторно во рок од 15 дена и одговара писмено на владата со свое мислење за кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за да застанат на таа функција.

Потоа, Владата предлогот за наследник на Зврлевски заедно со мислењето на Советот го доставува до Собранието. Ова значи дека намалку еден месец ќе трае процедурата за избор на предлог на нов државен обвинител. А потоа таквиот предлог на седница во Собрание ќе ја разгледуваат пратениците, а тука рокови за кратка дискусија нема.

Во меѓувреме Советот на јавни обвинители определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на нов Јавен обвинител на Република Македонија.

Основните услови кои треба да ги исполни кандидатот што сака да седне на тоа функционерско столче е работно искуство од најмалку осум години со, како што се вели во законот, потврдени резултати и положен правосуден испит или универзитетски професор кој предавал повеќе од 10 години правен предмет од правосудна практика.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG