Достапни линкови

Трамп: На САД им треба „чесен и траен резултат“ во Авганистан


Трамп: САД не можат да си дозволат брзо повлекување од Авганистан
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Трамп: САД не можат да си дозволат брзо повлекување од Авганистан

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата нова стратегија за Авганистан нема да биде базирана врз „произволни временски рамки“, туку врз условите на теренот. Во обраќањето до нацијата тој наведе дека нема да зборува за бројот на војници и за натамошните воени активности.

Претседателот Трамп, според оценките на светските новински агенции, со неговото обраќање од воената база Форт Мајер во близина на Вашингтон, всушност ја отвори вратата за зголемување на американските трупи во Авганистан, како дел од обновената стратегија за регионот.

Со тоа, како што се додава, тој ги заборави неговите сомнежи во врска со најдолгата американска војна и вети „борба до победа“.

Трамп додаде дека Соединетите Држави биле во Авганистан не за градење на земјата, туку за „убивање терористи“.

Според него, на Соединетите Држави им треба „чесен и траен резултат“ во Авганистан.

Затоа, како што оцени, брзото излегување од таму би имало „неприфатливи последици“.

„Основен столб на нашата нова стратегија е промената од приод базиран врз време на оној базиран врз услови“, рече Трамп.

Притоа тој додаде дека неговиот нов пристап е насочен кон спречување Авганистан да стане безбеден рај за исламистичките милитанти кои се наклонети кон напади врз САД.

Републиканскиот претседател кој постојано ги критикуваше стратегиите за Авганистан на неговите претходници, сега ги наследува истите предизвици, вклучувајќи ги и талибанците кои повторно ја враќаат силата и слабата влада во Кабул.

„Непријателите на Америка никогаш не смеат да ги знаат нашите планови или да веруваат дека можат да не начекаат. Нема да кажам кога ќе нападнеме, но ќе нападнеме“, рече Трамп.

Во говорот Трамп не прецизираше за колкав број дополнителнни американски војници станува збор, ниту пак даде временска рамка за ставање крај на присуството на САД во Авганистан.

Тој исто така изврши притисок врз сојузниците, Пакистан, Индија и НАТО да ја засилат својата посветеност.

Во меѓувреме, неименувани официјални преставници во Вашингтон изјавија дека тој веќе ги потпишал плановите на секретарот за одбрана Џејмс Матис за испраќање дополнителни околу 4.000 војници во Авганистан. Таму сега има 8.400 американски војници.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG