Достапни линкови

Салиу - Пожарот кај Требовље веројатно е подметнат


Илустрација: Пожар

Мислам дека вчера некој потпалуваше. Има индиции дека некој околу хидроцентралата Козјак нешто потпалувал. Тажно и жално е некој да потпалува, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу за неколкудневниот пожар кај село Требовље.

Шести ден шумата кај селото Требовље, општина Македонски Брод, уште гори, а пожар има и кај патот што води од селото Самоков, месноста викана Дреноец, кој се протега низ борова шума, информираат од Центарот за управување со кризи. Поради големината на просторот, лошиот терен, високите тепмератури и присуството не ветер се појавуваат потешкотии при гаснењето на пожарите во овој регион, вели Надица Вчкова од ЦУК.

„Особено жариштето е присутно на место викано Јасикоец кое се наоѓа во непосредна близина на патот и населеното место, село Растеш. Во моментов за пожарот во атарот нa село Требовље ангажирани се сили на подрачните одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување од Македонски Брод, Прилеп и Кичево, а се очекува да пристигнат уште лица од Дирекцијата за заштита и спасување. Ангажирано е месното население и еден авион на војници од гарнизонот Кичево“, изјави Вчкова.

Претходно, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу изјави дека пожарот кај селото Требовље е локализиран, но дека авионите дејствуваат превентивно, зашто во секој момент пожарот може да се активира.

На прес-конференција Салиу ги критикуваше дел од претставниците на локалната самоуправа кои вчера се повлекле од селото Требовље, укажувајќи дека тоа било главната причина што пожарот се проширил.

„Десет луѓе го напуштија местото, мислеа дека треба да седат до 12 часот и се повлекоа. Ги молев да се вратат, но за жал не прифатија, бидејќи биле од локалната самоуправа и го напуштија местото. Тогаш пожарот се префрли од левата страна и постоеше опасност да изгори и селото, јас наредив да се направи бедем одбрана на тој дел од селото“, изјави Салиу.

Тој дополни дека во гасењето на пожарот биле ангажирани два хеликоптера на АРМ и два пешадиски вода од Кичевскиот баталјон на Армијата.

Причината за пожарот уште не е утврдена, но сите показатели укажуваат на човечки фактор и подметнување, рече Салиу.

„Мислам дека вчера некој потпалуваше. Јас ќе го замолувам министерот за внатрешни работи, бидејќи има индиции дека некој околу хидроцентралата Козјак нешто потпалувал и камерите можно е да направиле снимки. Тажно и жално е некој да потпалува“, изјави Салиу.

Тој дополни дека и ЦУК треба да направи тим од луѓе и да се приклучат на терен, но Вчкова одговори дека оваа институција не располага со технички средства и сили за излегување на терен и оти нивните надлежностите се за координација со надлежните институции и за прибирање информации.

Инаку, освен пожарот во Требовље, активен е и пожар во Катланово и кај Ѓорче Петров, информираа од Дирекцијата за заштита и спасување.

Салиу рече дека Бугарија понудила помош за гаснење на пожарите и дополни дека во вчерашното справување со огнената стихија кај Требовље немало човечки жртви и не изгорела ниту една куќа, но дека изгореле 300 хектари шума. Вчера попладне сите жители биле евакуирани оти огнот се заканувал да ги зафати куќите.

Инаку за пожарите во општина Македонски Брод, како и за други опожарени локации низ државата синоќа расправаше и владата. Донесена е одлука Министерството за внатрешни работи да го зголеми присуството на терен во сите засегнати подрачја, а ЈП Македонски шуми непрекинато да ја информира Дирекцијата за заштита и спасување за сите новонастанати состојби на терен и соодветно на развојот на настаните на терен да продолжи континуирано гасење и локализација на активните пожари, како и овозможување на услови за делување на АРМ, која е активно вклучена на теренот.

За време на седницата, Владата го задолжи Комитетот за управување со кризи во кој учествуваат министерот за внатрешни работи, транспорт, одбрана, земјоделие, социјална политика, претседателот на ЦУК, како и претставници на АРМ, претставник од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, претставник од ЈП Македонски шуми и УХМР, да донесат итни заклучоци и мерки за засилено делување на сите надлежни институции, како и единиците на локалната самоуправа за справување со сите активни пожари во Македонија.

Владата ги ангажираше и припадниците на АРМ за гаснење на пожарите на подрачјето кај Македонски Брод кои сè уште се активни. Вкупно има 60 офицери и војници на АРМ кои на терен се справуваат со гасење на овие пожари.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG