Достапни линкови

Тилерсон: можат да се решат проблемите со Русија


Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон денеска изјави дека Соединетите Држави сакаат да работат со Русија и оти е бесмислено да се прекинат врските поради нивните несогласувања. Тој ова го изјави по неговата средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Манила.

Тилерсон им изјави на новинарите дека му кажал на Лавров оти мешањето на Москва во минатогодишните претседателски избори во Соединетите Држави доведе до „сериозна недоверба“ меѓу двете земји.

„Се обидов да му помогнам да сфати каков сериозен инцидент е ова и како сериозно им наштети на меѓусебните односи“, рече Тилерсон кој додаде дека му кажал на Лавров оти американската администрација решава за одговорот на одлуката на Кремљ да нареди значително намалување на американскиот дипломатски персонал во Русија.

До овој потег дојде по најновите дополнителни американски санкции врз Русија.

И покрај ова, Тилерсон изјави дека Соединетите Држави се уште сакаат да работат со Москва и оти би било бескорисно да се прекинат врските само за едно прашање.

„Ова се многу големи земји и би требало да најдеме места каде што можеме да работиме заедно, да се обидеме да работиме заедно и места каде што имаме разлики и треба да продолжиме да најдеме начин да ги решиме“, рече тој.

Според него, Русија покажала извесна волја за разговори и за изнаоѓање патишта за решавање на прашањето со Украина.

Претходно и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров изрази надеж дека и покрај билатералните тензии е можна соработка со Соединетите држави.

„Почувствуваме подготвеност кај нашите американскии колеги за продолжување на дијалогот. Мислам дека нема алтернатива на тоа“, рече Лавров.

Тој додаде дека прва работа што ја побарал Тилерсон на нивната средба била да ги објасни потезите на Москва, односно протерувањето на американските дипломати од Русија.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 3 август на Твитер оцени дека „односите на Вашингтон со Русија се на најниско и многу опасно ниво“. До ова дојде ден откако тој ги потпиша новите санкции врз Москва.

Рускиот премиер Дмитри Медведев ваквиот потег го оцени како „целосна трговска војна“ против неговата земја.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG