Достапни линкови

Човекот главен причинител на пожарите во Македонија


Архивска фотографија од пожар во битолско

За само еден месец во Македонија имало 42 пожари. Надлежните апелираат до граѓаните да се однесуваат внимателно на отворен простор.

Иако јавноста се вознемири откако во последните неколку недели пожарите зафатија дел од регионите во земјава, упатените во оваа област велат дека тие не се невообичаени за овој период од годината. Познавачите велат дека кога подолг период нема врнежи и вегетацијата мирува, лесно запалливи се површините каде што има суви лисја и треви, но сепак го посочуваат човечкиот фактор како клучен за пожарите.

„Причинител најчесто е човекот. Дали е тоа од невнимание или намерно, без разлика, резултатот е ист, а ние имаме проблем да се справуваме со сите тие пожари“, изјави Горан Стојковски, помошник директор за заштита на шуми во „Македонски шуми“.

Од „Македонски шуми“ информираат дека во периодот од март до сега, се случиле 42 пожари, од кои 40 се на површини каде што нема дрвна маса, а само два пожари имаат зафатено дрвна маса од 1.340 метри кубни површина.

Упатените велат дека понекогаш пожарите се предизвикани и од граѓаните кои ги палат пасиштата со цел да се добијат поквалитетни земјишта за обработка, постапка која од секогаш се практикувала. Другата претпоставка е дека се работи за сув лист и гранки кои преку зимата се исушиле, а се палат не со цел да се опожари шумата, туку само коренот за физиолошки да се ослаби шумата, поради што таа во текот на летото се исушува, и паѓа вредноста и е поефтина како сува маса.

„Имаме палења за да се чистат ниви, патишта и слично. Тогаш се прави пожар од невнимание. Забрането е палење пожар на отворено место. На пример од вкупно 150 пожари минатата година, дури 95 настанаа надвор од шума, а од нив 45 влегоа во шума и ни направија голема штета. Невнимание го сметаме ако запалил нива да очисти нива од гранки или трња, а понатаму пожарот се проширил и направил огромна штета,“ изјави Стојковски.

Пожарите ја ставија во состојба на зголемена будност и Дирекцијата за заштита и спасување, од каде што соопштуваат дека вработените во подрачните одделенија ги следат сите локации на настанати пожари на отворен простор и доколку има потреба ќе интервенираат тимови за брз одговор за гаснење на пожари.

И од Центарот за управување со кризи упатуваат апел до граѓаните внимателно да се однесуваат кога посетуваат отворени места.

„Бидејќи најчестиот причинител за пожарите е човечкиот фактор, упатуваме апел до граѓаните да внимаваат кога посетуваат или работат на отворени простори, во шуми и сл. да не користат запалливи материи кои можат да предизвикаат пожар од пошироки размери“, вели Надица В'чкова од Центарот за управување со кризи.

Експертите велат дека покрај негативните последици по однос на изгубената дрвна маса кај пожарите, особено треба да не загрижува фактот што со секоја изгорена шума ние губиме фабрика за врзување на јаглерод диоксид и ослободување на кислород.

Во изминатите два дена особено тежок за совладување се покажа пожарот во селото Булачани, а не мали штети предизвикаа и пожарите кај Голак во Делчево и во Вевчани каде изгореле само 4 хектари црн бор. Пожари имаше и во кумановскиот, велешкиот, струмичкиот регион и штипскиот регион, но сите се локализирани и ставени под контрола.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG