Достапни линкови

Масовен митинг против диктатурата во Турција


Неколку стотици илјади луѓе се собраа во неделата во Истанбул за да го пречекаат лидерот на најголемата опозициска Републиканската народна партија Кемал Киличдароглу. Тој со неколку стотици приврзаници тргна во „Марш за правда“ од Анкара до Истанбул против диктатурата во земјата.

„Ние ќе го урнеме ѕидот на стравот“ изјави Киличдароглу по 25 дневно пешачање кое почна на 15 јуни, наведувајќи дека последниот ден на маршот претставува „нов почеток“.

68 годишниот Киличдароглу тргна на маршот во должина од околу 450 километри во знак на протест поради апсењето на пратеникот на Републиканската партија Енис Бербероглу кој е осуден на 25 години затвор поради одавање државни тајни.

Тој наводно на весникот „Џумхуријет“ во 2015 година му дал информација дека турските разузнавачки служби тајно им доставувале оружје на бунтовниците во Сирија.

Обраќајаќи им се на насобраните, според некои проценки ги имало околу милион ипол, Киличдароглу изјави.

„Ерата во која живееме е диктатура, сакам сите да знаат дека ова е диктаторска ера. Сакам да ви дадам пример од Германија во 1940 година, која е слична со времето во кое живееме“.

Киличдароглу додаде дека минатогодишниот обид за воен удар во Турција било само повод за турската влада да изврши државен удар со прогласување вонредна состојба во земјата.

Се проценува дека над 40 илјади луѓе се ставени во затвор поради наводна нивна вмешаност во пучот.

Протестниот марш на Киличдароглу во почетокот немаше голема поддршка, но како минуваа деновите на него почнаа да му се приклучуваат се повеќе луѓе.

Маршот прерасна во најголем протест откако пред една година турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи вонредна состојба.

Последните големи протести против Ердоган опозиција ги оддржа во мај и јуни 2013 година.

Приврзаниците на опозицијата маршот го споредија со оној на Махатма Ганди во 1930 година против британската власт во Индија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG