Достапни линкови

Земјотресите во Охрид и судството во фокусот на дневниот печат


Основен суд Скопје 1
Основен суд Скопје 1

Земјотресите во охридско-преспанскиот регион кои создадоа паника меѓу жителите и туристите, како и судството и случаите на СЈО, се главни теми во дневниот печат.

Во весниците и на електронските портали доминираат вестите за „судските работи“ и оние што ги „бројат“ потресите на тлото во охридско-преспанскиот регион. Нова Македонија информира дека „Воениот камп во Свети Наум во Охрид е отворен за граѓаните поради земјотресите“. Истиот весник објавува и напис: „Измамници сакаат да го испразнат Охрид“ – дека сè уште неидентификувани лица ја поттикнуваат паниката во градот поради што надлежните и експертите апелираат граѓаните да не ги напуштаат домовите и имотите препуштајќи им ги на потенцијалните крадци. „Подрачјето не е типично за поголеми потреси“ – смируваат експертите и надлежните, објавува весникот.

Нова Македонија и Вечер информираат за Акцискиот план 3-6-9 на Владата за реформските зафати што ќе ги преземе: „Заев: Реформскиот план 3-6-9 за пробив кон евроинтеграциите“, насловува Нова Македонија и „Заев: Македонија до пролет да добие датум за преговори со ЕУ“ – како што насловува Вечер.

За „судските работи“: Вечер излезе со наслов: „Судот ги одби барањата – нема притвор за Груевски, Јанакиески и Јанкулоска“. Слободен печат, пак, информира дека „СЈО поднесе жалби до Апелација“ по одлуките на Кривичен со кои се отфрлаат сите барања за притвор за обвинетите во случаите на Специјалното обвинителство. Истава информација ја објави и порталот Плусинфо. Слободен печат наслови: „Бахчованска побарала изземање од случаите на СЈО“, потсетувајќи дека ова е второ изземање на судијка за последниве десетина дена. И дека „СЈО го презеде предметот ’Сопот‘ од Основното јавно обвинителство“.

Што се однесува до одбиениот предлог на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за нов закон по итна постапка со кој новиот јавен обвинител, наместо Зврлевски за кој Владата поднесе предлог за негово разрешување, да биде избран од опозицијата, Слободен печат ја пренесува изјавата на Заев: „Предлогот ќе го дефинирам како мало лицемерие. Ние ветивме дека по втората година, на предлог на опозицијата ќе се избира јавен обвинител. Сега на Македонија, исправена пред реформите, ѝ треба најдобриот експерт што можеме да го најдеме дома да биде државен обвинител“.

Вечер, од тековната седница на Собранието во прв план вади: „Доколку се обезбедат средства со ребаланс на буџетот – Радиодифузната такса ќе се укине од октомври?!“ Порталот Курир, близок до сегашната опозиција, објави наслов: „СДСМ ветуваше, денеска гласаше против укинувањето на радиодифузната такса на предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ!“ За потсетување: укинување на радиодифузната такса предложи СДСМ.

Исто така порталот Курир пренесува дека во партијата велат дека „Владата на Заев, според пријавените анкетни листови тежи над 40 милиони евра“ и дека Владата на СДС, како што вели, била „лицемерна и тајкунско-милионерска“.

Порталот Плунсинфо ја пренесува информацијата на ТВ Телма дека командантите на специјалците на распит за крвавите настани во Собранието на 27 април „Со часови чекале наредба за акција“ и дека командантот на ЕБР Марјан Петковски сам се јавувал во оперативниот штаб на МВР, со кој тогаш раководеше Чавков, од каде што му било одговорено дека има време и да почека.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG