Достапни линкови

Не купувајте лесно расипливи производи на импровизирани тезги


Тезги со јајца на пазар
Тезги со јајца на пазар

На импровизирани тезги поставени на тротоарите се продаваат и произведи од млеко и месо, па сè до риба, иако експертите предупредуваат дека тоа може да биде опасно поради високите температури.

Пониските цени се причина поради која луѓето купуваат на пазарите на отворено, но за жал во отсуство на контрола од државата тие сами ја преземаат улогата на инспектори. Граѓаните имаат можност да видат дека на импровизирани тезги поставени на тротоарите се продаваат и произведи од млеко и месо, па сè до риба, иако секоја година експертите предупредуваат дека високите температури бараат посебни услови на чување, особено на онаа храна која е од животинско потекло и е на отворено. Загрижени од тоа што на повеќето пазари во Скопје може да се најдат производи кои не се чуваат во соодветни услови и не им е познато нивното потекло, луѓето сами истражуваат со каква боја и вкус се производите и дали имаат декларации.

„Продаваат суџук, пилешки батаци, значи тој вид производи што се произведуваат дома. Јас лично и млечни производи и месни производи исклучиво купувам од маркети. На пазар таква роба не купувам, иако знам дека се продава и млеко и млечни производи. На тезги на самиот пазар каде има соодветни услови за продажба може да се купува, но она што е на отворено не е дозволено и мислам дека особено во летен период е подложно на расипување и нормално на инфекции.“

„Од одредени луѓе што ги познавам, од нив купувам. Друго купувам од маркет или гледам декларација“, велат анкетираните граѓани.

Луѓето велат дека ниту еднаш немаат видено инспектор на пазарите, иако нивна обврска е да им обезбедат на граѓаните без грижа да купуваат храна која е безбедна и во добра состојба. Дел од граѓаните наведуваат дека има закон за храна, но додаваат дека тој не се спроведува.

„Во однос на месни производи мислам дека е недозволиво да се продава по пазари и риби продаваат во пазарни денови. Тоа е недозволиво. Тука државата, односно институциите што се определени за тоа треба да си застанат цврсто и да им определат на таквите продавачи соодветен простор со соодветни заштитни мерки во однос на нивната роба за да може да си го презентираат својот производ за да нема последици по луѓето што ги купуваат, а и по нив.“

„Треба инспектори, ако не двајца и тројца за да стасаат, има повеќе пазари во Скопје. На улица сирење се продава, па тоа е за плачење, па риба за жал се продава, а таа најмногу се расипува“, велат граѓаните.

Експертите препорачуваат граѓаните да бидат повнимателни зашто пониските цени може да ги чинат скапо. Тие наведуваат дека граѓаните треба да знаат кога одат на отворени пазари кои производи треба да се чуваат на отворено, а кои во фрижидер и тие да не ги купуваат од пазар.

Од Институтот за јавно здравје велат дека вообичаено најголем број на труења од храна се регистрираат во текот на летото. Професор Игор Спировски нагласува дека високите температури бараат посебни услови на чување, особено на оние производи од животинско потекло.

„Инспекциската контрола секако треба да си ја врши својата работа, она што ние од здравствен аспект може да го кажеме е дека при вакви температури производи од тој тип не смее да се чуваат на отворено. Оние што се пакувани на нив имаат декларација која прикажува како да се чуваат, но рефусните производи и лесно расипливите, пред сè од животинско потекло не смеат да се чуваат на отворено. Особено ние сме загрижени за производите кои содржат сурови јајца зашто доминанто во летен период се инфекциите предизвикани од салмонела“, вели професор Спировски.

Од Институтот нагласуваат дека производите што содржат сирови јајца треба да не бидат изложени на топло и да се чуваат во фрижидер и додаваат дека тоа важи и за млечните и месни производи.

Според статистичките податоци, бројот на затруени граѓани минатата година бил над 150 случаи.

Доминантни се труења со храна предизвикана од салмонела, но има и стафилококни труења.

Инаку од Институтот додаваат дека во рестораните е зголемена свесноста за безбедноста на храната и оти е подигнато нивото на стандарди. Иако и таму се појавуваат труења, според лекарите многу се почести труењата каде што купените производи се небезбедно чувани, а најчесто кога се купува на отворени пазари и под високи температури.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG