Достапни линкови

Крушево убаво за туризам, но нема работа за живот


Крушево, поглед

Во Крушево нема работа, младите бегаат, најчесто во Скопје или во Битола. Локалните власти се свесни за проблемот и велат дека работат на привлекување инвеститори.

Младите крушевчани се крајно разочарани од секојдневието. Сметаат дека реалниот економски напредок може да им го подобри животот. Велат дека во градот со години не гледаат никаква перспектива, ниту можност за вработување и професионална реализација.

„Најголем проблем е тоа што младите си бегаат од градот. Има 10-ина години како заминуваат во другите градови да студираат или не знам што, да го бараат чарето, да се снајдат некако“.

„Проблем е што веќе сите, за младите нема работа. Сите бараат некаде да заминат, најчесто во Скопје или Битола и се празни градот, нема луѓе, освен вака за продолжен викенд. Тоа е најголем проблем што нема работа за младите, не можат да просперираат никако“, забележуваат незадоволни младите крушевчани.

Од невладината организација „Младински сојуз - Крушево“ којашто со години ги следи проблемите на младите, велат дека проблемот е во отсуството на адекватна економска политика, која што ќе создаде услови за инвестирање и стимулирање на вработувањето на повеќе начини. Од друга страна, сметаат дека проблемот може да се ублажи и со учество на младите во процесот на донесување одлуки на локално ниво.

„Подобра клима за почнување на бизнис и можности за самовработување на младите во вакви пасивни краишта како што е Крушево, стимулација од страна на државата, олеснување на казнената политика, пристап до национални и меѓународни фондови, коишто можат да се искористат за да можат младите да ја проектираат својата иднина во вакви места како што е Крушево“, вели Методија Стојчески, претседател на „Младински сојуз - Крушево“, посочувајќи на сет од мерки за економски напредок.

Од Општина Крушево не кријат дека невработеноста е најгорливо прашање. Велат дека токму со цел да се стимулираат нови работни места е отворена индустриската зона „Опаленик“, каде половина од 12 хектари земјиште веќе е во сопственост на грчката тутунска компанија „Секе“ веќе 2 години, покрај десетината редовни, остварува и преку 250 сезонски вработување. Во грчката конфекција „Фалко“, четири години работат 70 вработени, додека Маркнорт-Америка, која што гради и свој објект, ќе ангажира 100 работници.

„Како локална самоуправа ќе работиме на подготвување на сите потребни предуслови за да можеме да овозможиме инвестирање и привлекување на странски инвеститори, ослободување од комуналии, изградба на потребната инфраструктура со заеми од Европска инвестициона банка, од Светска банка, сè со цел да овозможиме одредени поволности, да ги привлечеме инвеститорите да отворат погони и да извршат вработување“, вели градоначалникот Ѓорѓи Дамчески.

Но, во Крушево има 1400 невработени лица, иако во Агенцијата за вработување се евидентирани само 980 граѓани што бараат работа. Во овој град живеат 5.330 граѓани, но реално според познавачите на приликите има 2000 жители помалку.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG