Достапни линкови

Трамп повика на единство во САД


Американскиот претседател Доналд Трамп го посети конгресменот Стив Скалис кој беше ранет во вооружен напад и повика на единство. До ова дојде откако, според првичните резултати од истрагата, се испостави дека станува збор за политички мотивирано насилство.

Напаѓачот кој стрелал во Стив Скалис, трет по ранг републиканец во Претставничкиот дом на Конгресот, како и врз неколку други кои тренирале бејзбол во близина на Вашингтон, според наводите, имал долга историја на нетрпеливост спрема републиканците.

66 годишниот Џејмс Хоџкинсон кој е убиен во престрелка со полицијата бил член на групата „Прекинете ја Републиканската партија“.

Тој исто така бил доброволец во изборниот тим на демократскиот претседателски кандидат Берни Сандерс во минатата година.

Сандерс изјави дека „му се лоши од ваков одвратен акт“, наведувајќи дека „насилство од секаков вид е неприфатливо за американското општество“.

Хоџкинсон кој живеел во едно предградие на Сент Луис во Илиноис на социјалните мрежи постојано постирал остри пораки против претседателот Трамп и други републиканци.

По инцидентот Федералното истражно биро издаде плакат со барање за повеќе информации за напаѓачот.

Одговорниот за истрагата агентот Тимоти Слејтер изјави:

„Додека осомничениот е починат ние продолжуваме активно да ги истражуваме неговите мотиви, познаници и местото каде што дојде до денешниот инцидент“.

Дејл Волш, пријател на осомничениот, пак на новинарите во Сент Луис им изјави дека Хоџкинсон не бил зол.

„Јас само сакам луѓето да знаат дека тој не беше зол. Тој, претпоставувам бил уморен од некаква политика што се случува“.

Доналд Трамп и првата дама Меланија поминале половина час со Скалис во болницата во Вирџинија.

Тој бил во критична состојба пред да биде подвргнат на операција откако еден куршум предизвикал фрактура на колкот.

Трамп ја пофали полицијата која успеала да го елиминира напаѓачот и побара од американците да ги остават настрана политичките разлики.

„Ние сме посилни кога сме обединети и кога заедно работиме за заедничко добро“, изјави Трамп.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG