Достапни линкови

Престрелка и бомбашки напад во Техеран


Иранските медиуми јавуваат за два одделни напади во Техеран, еден на парламентот и еден во мавзолејот на ајатолахот Хомеини. Агенцијата Ројтерс јави дека милитантите на Исламската држава ја презеле одговорноста за нападите.

Според новинските извештаи, најмалку тројца напаѓачи денеска упаднале во мавзолејот во јужниот дел на Техеран и почнале да пукаат во посетители.

Еден од напаѓачите активирал бомбашки елек, а друг бил убиен од безбедносните сили, изјави гувернерот на Техеран Хосеин Хашеми, наведувајќи дека во нападот загинал и еден работник, додека неколкумина биле ранети.

Во исто време во центарот на Техеран, вооружени лица пукале во парламентот.

Пратеникот Елијас Хазрати изјави дека имало тројца напаѓачи, од кои двајца вооружени со автоматски пушки Калашников.

Во овој инцидент имало осумина ранети, а се јавува и за тоа дека бил убиен еден припадник на обезбедувањето.

Еден од напаѓачите, како што јавуваат агенциите, се разнесол на четвртиот кат на зградата на парламентот.

Новинската агенција Тасмин објави дека четири лица биле земени како заложници во внатрешноста на зградата.

Двата напада се случија во исто време и се чини дека станува збор за координирана акција. Во овие напади, според последните извештаи, загинале најмалку 12 луѓе.

Во меѓувреме, агенцијата Ројтерс јави дека милитантите на Исламската држава ја презеле одговорноста за нападите во Техеран.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG