Достапни линкови

Осуди по обидот за убиство на Тодоров


Macedonia - Meeting of representatives of the parties signatories of the agreement Przino

Кон поранешниот министер Тодоров е пукано со пиштол. Нападот го извршил дедото на малата Тамара од Велес, која почина чекајќи операција во странство. Премиерот, партиите и семејството на напаѓачот го осудија нападот.

Кон поранешниот министер за здравство Никола Тодоров е пукано со пиштол, денеска напладне кога тој требаше да му ја предаде функцијата на новоизбраниот министер Арбен Таравари. Од МВР соопштија дека инцидентот се случил пред Министерството за здравство, кога 57 годишен човек од Велес испукал два куршума кон поранешниот министер. Во инцидентот нема повредени луѓе, а човекот кој пукал е приведен на самото место, велат од МВР. Пронајдени се и чаури.

Примопредавањето на функцијата беше закажано во 12 и 30, но Таравари бил известен за инцидентот и не се појавил во Министерството.

Новоизбраниот премиер Зоран Заев, откако ја презеде функцијата го осуди нападот врз поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Премиерот вели дека не ги знае сите детали за случајот, објаснувајќи дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го информирал дека напаѓачот е физичко лице, кое со пиштол посегнало по Тодоров.

„Драго ми е што поранешниот министер е безбеден и сигурен, затоа што ние сме луѓе треба да си помагаме, не треба да испраќаме лоши пораки“, рече Заев.

Медиумите веднаш јавија дека напаѓачот е всушност дедото на починатата Тамара Димовска од Велес, која почина не дочекувајќи ја долго најавуваната операција во странство за која ФЗОМ требаше да даде пари. Случајот на Тамара предизвика внимание во јавноста и протести, а Тодоров наиде на осуда за смртта на девојчето.

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, за порталот НОВА потврди дека нејзиниот татко пукал кон Тодоров. Таа вели дека револт во семејството постои но, никој не помислил на вакво нешто. Таа вели дека го осудува насилството, иако и е татко.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во денешното пишано соопштение за ваквите настани како виновник го посочува СДСМ и, како што наведуваат, соросовите невладини и Шарената револуција, кои подгревале деструктивна политика.

„На првиот ден од доаѓањето на власт, сведоци сме на подмолен и вооружен напад врз Тодоров, кој благодарение на присебноста успеа да го избегне атентаторот“, стои во соопштението.

Од таму велат дека одговорност мора да има.

И владејачката СДСМ го осуди нападот врз Тодоров.

„Недозволиво е употреба на оружје и посегнување по нечиј живот, од која било причина, какви што се првичните информации за случајот. Повикуваме на институционално решавање на проблемите“, стои во партиското соопштение.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG