Достапни линкови

Неделен печат – Партизирано судство и промена на власта


Архивска фотографија: Седница на Врховениот суд
Архивска фотографија: Седница на Врховениот суд

Неделникот Фокус пишува дека партизираното судство е поодговорно за состојбата дури и од поранешниот премиер Никола Груевски, а Република дека СЈО по налог на СДСМ сака да ја уништи ВМРО-ДПМНЕ.

Фокус - Правда во фантомки – Судиите како преторијанска гарда

На насловната страница на најновото издание на Фокус, познатата фигурина на божицата на правдата Јустиција има фантомка на главата и беџ со ликот на Груевски на градите. „Правда во фантомки – Судиите како преторијанска гарда“ ја најавува неделникот главната тема на која се посветени неколку текстови. Во еден од нив, авторот наведува дека сега прв пат се залага за апс (културно кажано, вели, кривични пријави и обвинителни акти) на НАСИЛНИЦИТЕ на правдата во тоги. И поентата: „Тие беа носечки столб на груевизмот, поодговорен и од Груевски!“ Дали новиот премиер треба високо да го крене мечот на правдата, веднаш откако ќе ја преземе власта? Секако, одговара веднаш авторот на друг тест со наслов: „Со меч или на штитот“. И уште едно прашање: „Дали новата власт треба да спроведе акција од типот на ’Сабја‘ во Србија по атентатот на Ѓинѓиќ? Да, се разбира“, смета авторот на текстот, „Подобро превентивно, отколку недај боже, постхумно“.

Република - СЈО по налог на СДС ќе ја уништува ВМРО-ДПМНЕ

Република, пак, оди со главната теза искажана и во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по најновите покренати истраги на СЈО, дека „СЈО по налог на СДС ќе ја уништува ВМРО-ДПМНЕ“. И вели дека „социјалдемократското јабанџиско оружје потфрли во исполнувањето на наложеното, иако делумно можеби и успеа во мисијата ’со две раце‘ да помогне во наметнувањето на Заев за мандатар, но неспорен факт е дека му треба продолжение на сопствениот мандат. СЈО е далеку од финиширање на своето недело“, пишува Република. Во најновото издание на неделникот, на чија насловна се Заев, Ахмети и Села на монтирана фотографија во чија заднина се наредени канализациони цевки, и со наслов „Од канализација до кантонизација – Платформата основен услов за новата тиранска влада“, неделникот објавува и текст со наслов: „Могерини докажа кој му дава власт на Заев“, веројатно алудирајќи на тоа што техничкиот премиер Димитриев не доби покана за работната вечера во Брисел со другите премиери на државите од Западен Балкан, а наместо него Могерини го покани Заев како „именуван мандатар за состав на Влада“. Иако во текстот се зборува за медиумите и за тоа дека во моментот, како што пишува, „се работи на целосно збришување на секој критички настроен медиум кој не ја следи политиката на окупаторите“. И дека уште пред да биде промовирана „квислиншката влада“ можеле јасно да се видат никулците на новиот „фашистички поредок“ – според Република. А тоа било „Срамно понижување на македонскиот народ“, како што гласи наднасловот на написот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG