Достапни линкови

Идната власт најпрвин да расчисти со криминалот


Зоран Заев, мандатар за состав на нова Влада
Зоран Заев, мандатар за состав на нова Влада

Неопходно е спроведување низа реформи, некои од нив и непопуларни, за да се стабилизира земјата и да се хармонизираат односите, велат аналитичари, посочувајќи дека најпрвин треба да се расчисти со криминалот.

Новата влада, за која мандатарот тврди дека ќе биде реформска, во наследство добива држава потресена од долготрајната политичка криза, со поделен народ, ослабена економијата, киднапирани институции, закочени интеграции...

Професор Владимир Пивоваров, кој порано беше прв човек на военото разузнавање, вели дека не само новата влада, туку целата држава ја очекува многу работа за нештата да се вратат во нормала. Тој вели дека сега е последна шанса да се вратат моралните вредности, оти, како што додава, криминалната структура си направила своја криминална подкултура, свој систем во кој криминалот е нормален и она што вообичаено треба да биде ненормално, за нив е нормално.

Тој вели дека треба да се стави крај на тоа криминалците да се делат на „ваши“ и на „наши“.

„Нема наши и ваши криминалци, сите криминалци се криминалци, тие се зло за општеството. За најтешките криминали во Собранието се расправа како за политичка тема. Ние немавме политичка криза, ние имавме криминална криза“, вели тој.

За да се расчисти со криминалот, потреба е политичка волја од сите релеванти политички фактори, вели Пивоваров и посочува примери на други земји, во кои, како што вели, криминалот и корупцијата царувале, а сега работите се средуваат.

„Гледајте ги Филипините, Малезија, земји во кои имало многу поголема корупција одошто кај нас, донесоа закони, ги спроведоа, формираа специјални служби со чисти луѓе и сега велат корупцијата е сведена на минимум, а БДП-то им пораснало“, вели Пивоваров и го посочува криминалот како главен виновник за бедата и сиромаштијата во која се наоѓа државата.

Според најновото истражување направено од Меѓународниот републикански институт (ИРИ), објавено на 15 мај, на прашањето што треба да бидат приоритети на новата влада, анкетираните граѓани одговориле дека тоа треба да биде отворање нови работни места, ставање крај на политичката криза, потоа раст на економијата, па повисоки плати и пензии, пониски давачки, следуваат борбата против корупцијата и спроведување на реформите на Прибе, мир и стабилност, стабилизирање на меѓуетничките односи, а некаде при крајот е интеграцијата во ЕУ и образованието.

На анкетата на нашата интернет страница, која сепак не се заснова врз научна база, најголем дел од оние што одговориле велат дека приоритет треба да биде борбата против криминалот, потоа борбата против сиромаштијата, следува членството во ЕУ и НАТО, а сосема мал дел сметаат дека приоритет треба да биде националното помирување.

Приоритети на новата влада
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:44 0:00

Професор Беким Кадриу вели дека евроатлантските интеграции зависат од спроведувањето на реформите дома. Освен реформи, како што вели, треба да се постигне консензус по прашањето за името.

„Четири години е добар период да покажеме сериозна политичка волја за решавање на некои прашања од домашната сфера, да спроведеме реформи во судството, да се бориме против корупцијата и да се одблокира процесот на интеграции“, вели Кадриу.

Политичката криза на виделина ја изнесе и поделеноста на граѓаните, а наелектризираната атмосфера кулминираше со насилствата на 27 април во Собранието, за кои оние кои се појавија на суд се покајаа и добија условни казни.

Помирување е неопходно, но дали е можно?

Аналитичарите велат дека првин треба виновниците за поделбите да си понесат одговорност, па да има помирување.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е мандатар за состав на нова влада, презентирајќи ги приоритетите врз кои ќе почива новата влада, рече дека целите ќе им бидат - Подобар живот за сите граѓани, развој на економијата, враќање на демократијата, владеењето на правото и на правдата, ефикасни институции, интеграција во Европската унија и во НАТО и подобрување на меѓународниот углед и позиција на земјата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG