Достапни линкови

Се крои новата влада


Зоран Заев, мандатар за состав на новата влада.

Од партиите не откриваат многу детали за текот на разговорите за состав на новата влада. Од СДСМ остануваат оптимисти дека таа може да биде договорена за десетина дена, како што најави нивниот претседател Зоран Заев.

На шести јуни истекуваат дваесетте дена од уставниот рок до кој мандатарот Зоран Заев треба да ја договори владината коалиција. Оптимизмот во СДСМ се уште трае па остануваат на најавите дека договорот може да падне и порано од предвидениот рок. Нивниот лидер Заев неколкупати најави дека е можно владата да се формира за десетина дена. Од партијата најавуваат преговори со ДУИ, Бeса и Алијансата за Албанците, наведувајќи дека засега не се стигнати до поделба на ресори, ниту пак до договор за конкретни имиња кој би ги воделе.

Од Беса велат дека се уште не се почнати преговорите и дека нема одлука за нивно учество во новата влада. Зекирија Ибраими од Беса кратко најавува дека ќе има комисии за преговори, па ќе видат како ќе се одвива работата.

Вчера, веднаш по доделувањето на мандатот Заев се сретна со нивниот лидер Биљал Касами. По средбата рече дека во оваа фаза двете страни ќе ги разгледуваат изборните платформи со цел изготвување на програмата на новата влада, најавувајќи дека тоа се почетни позиции.

Влегувањето на Беса во новата влада всушност е најнеизвесно, со оглед на тоа дека нивните позиции досега беа дека тие даваат поддршка за Заев да го земе мандатот, но дека за влегувањето во влада ќе разговараат. Касами и претходно најавуваше дека нема да учествуваат во влада во која има осомничени од Специјалното јавно обвинителство, а вчера нагласи дека политички барања на партијата ќе се реализираат во рамките на Уставот на Република Македонија.

Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијансата за Албанците, вели дека и тие се уште немаат донесено одлука на централното претседателство за учество во новата влада.

„Немаме се уште средби со СДСМ и не можеме да предвидиме колку би траеле тие средби до составувањето на новата влада. Се надевам на конструктивност од сите партии, народот очекува многу толерантност и вистински чекори од следната реформска влада“, вели Таравари.

Не би требало да има проблеми содржински и во програмата на идната влада, но проблем може да биде анимозитетот меѓу партиите на Албанците, пред се меѓу ДУИ и БЕСА, смета политичкиот аналитичар Џелал Незири.

„Тој момент јас очекувам да произведе можеби мали потреси и проблеми внатре во владината коалиција или во процесот на создавање на новата влада. Мислам дека и поделбата на позициите од првиот и вториот ешалон исто така може да бидат проблематични“, вели Незири.

Незири додава дека според неофицијални информации СДСМ и ДУИ ги испеглале разликите, а Алијансата за Албанците, како што вели, има соработка со интегративците и во тој поглед, според него, нема да има проблем. Незири смета дека и Беса најверојатно ќе стане дел од новата влада.

Позициите на ДУИ и на Алијансата за Албанците во однос на новата влада, пак, досега изгледаа појасни. Ако Беса остане надвор од коалицијата, а во неа влезат овие два субјекти на Албанците тоа значи дека идната владина коалиција ќе има поддршка од 62 пратеника за разлика од 67 што би ги имала со Беса.

Заев - сакам успешен мандат и соработка со идната опозиција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG