Достапни линкови

„Кураторски размени“ за јавниот простор во градот


„Меурчиња, пена и мориња“ на Мауро Гил- Фурние од Шпанија.
„Меурчиња, пена и мориња“ на Мауро Гил- Фурние од Шпанија.

На шестото издание на Интернационалниот симпозиум „Кураторски размени“ до 21 мај творци од Австрија, Шпанија, Полска и од Македонија ќе дебатираат на тема: „Простори, функции, фикции и други заеднички именители“.

Интернационалниот симпозиум „Кураторски размени“ е годишна средба која ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.

Куриран, организиран и реализиран од страна на историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, и уметниците и коосновачите на Проектниот простор Прес ту егзит, Јане Чаловски и Христина Иваноска, симпозиумот се обидува да ги соедини различните истражувања, гледишта и позиции на повеќе автори (архитекти, културни теоретичари, уметници и куратори) во чиј фокус на интерес се различните начини на критичко промислување за релацијата меѓу современата уметност и општеството.

dienstag abend
dienstag abend

Инаку годинешната тема потписниците на случувањето ја насловија „Простори, функции, фикции и други заеднички именители“ и нејзиното распостилање започна со презентациите на младите македонски истражувачи и уметници - Клелија Живковиќ и Доротеј Нешовски.

„Мали победи“ на Живковиќ е проект за архивирање на промените во градот Скопје, преку користење на лично искуство како артефакт. Проектот има за цел да го истражува односот на граѓаните кон нивниот град и да ја искористи нивната перспектива како единствен документ кој раскажува приказна за историја која е изменета и одново фабрикувана.

Од друга страна презентацијата „Фикции и простории во кои живеам“ на Нешовски дава увид во истражувачките интереси на уметникот за релацијата „индивидуа-галерија-институција“ и низата потенцијали на исчитување на ефемерното наспроти постојаното, јавното наспроти институционалното, виртуелниот наспроти физичкиот галериски простор при создавање на т.н „невидливи дела“.

Себастијан Цихочки.
Себастијан Цихочки.

Во продолжение на програмата, на 12 мај од 19 часот, во Клубот ГЕМ, предавање ќе одржи Мауро Гил- Фурние , архитект и ко-основач на архитектонското студио SIC од Мадрид, Шпанија. Тој преку своето видување насловено како „Меурчиња, пена и мориња“ ќе се обиде да ги објасни сопствените методологии на работа со фокус на развој на град кој е прототип на граѓанска иновација и урбана трансформација.

Еден час подоцна, пак, во социјалниот Центар Дуња, презентација ќе имаат Лудвиг Китингер, Ана де Алмеида и Фелим Меконигли од уметничкиот колектив <dienstag abend> од Виена, Австрија. Нивното предавање „Просторни тенденции во (ко)оперативни практики – за начините за де-регулација, индивидуалните капацитети и нивната иднина“, како што велат организаторите, ќе започне со кратко претставување на уметничкиот колектив, за да потем самите се осврнат на проектот реализиран во Вроцлав, Полска, на кој се фокусирале на социјалните влијанија во донесувањето на политички одлуки за делата во јавен простор, а со тоа и на улогата на афективното информирање.

Од друга страна, Себастијан Цихочки, водечкиот куратор на Музејот на модерна уметност во Варшава, планирано е да одржи предавање в сабота, на 20 мај, во Музејот на современа уметност во Скопје. Предавањето е насловено „Ова е уметност и уметноста е многу нешта“ и во негови рамки тој ќе се осврне на прашањата поврзани со трансформацијата на уметноста во пост-уметност со фокус на прашањето: Постои ли повеќе уметност во или вон ѕидовите на музејот?

„Се очекува поканетите гости да приложат различни дискурзивни презентации и проекти кои ги преиспитуваат различните идеи за поврзаноста помеѓу уметноста, архитектурата и теоријата. Да ги осознаеме различните перцепции за социо-политичката функција на јавниот простор и идејата за заедништво, прашањата за кураторски стратегии и тактики кои развиваат форми на непредвидлива креативност во однос на просторот во кој постои потенцијал за манипулирање со односите на моќ, политиката и популарната култура во градот“, вели Јованка Попова, историчарка на уметност и кураторка на проектот.

Кон ова само уште информацијата дека овогодинешниот симпозиум „Кураторски размени“ е организиран во соработка со: Музејот на современа уметност, Социјалниот центар „Дуња“ и Клуб ГЕМ, а поддржан од Министерство за култура на Македонија, Австриската амбасада, Амбасадата на Кралството Шпанија и Aмбасадата на Република Полска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG