Достапни линкови

Распишана потерница по бизнисменот Кочан за случајот „Труст“


Архива: Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство. Обвинителките Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска.

Во МВР велат дека потерницата стигнала и се постапува по неа, решението за притвор не го добила неговата одбрана, а истото го нема видено ниту обвинителката Јанева.

Судот распишал потерница за приведување на бизнисменот Сеад Кочан, еден од осомничените во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство, а Министерството за внатрешни работи треба да ја спроведе, информираат денеска од Основниот суд Скопје 1.

Од МВР велат дека потерницата е стигнaта до нив и оти по неа се постапува.

Бизнисменот Сеад Кочан е еден од тројцата претставници на фирми осомничени за сторена злоупотреба на постапка за јавен повик во последниот случај „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство.

СЈО на прес-конференција на 28 февруари оваа година објави дека фирмите формирале конзорциум и со фалсификувана документација добиле тендер од над 17 милиони евра. Истрагата била отворена врз основа на три нелегално прислушувани разговори, од кои два не биле објавени јавно, рекоа обвинителките на СЈО.

На новинарски прашања во врска со одредениот притвор за Кочан, неговиот адвокат Никола Додевски денеска изјави дека одбраната досега нема добиено никакво решение за одредување мерка притвор по предметот „Труст.“

„Крајно е невообичаено на обвинетиот и на одбраната да не се даде решение, а да се даде информација на медиумите, но не од судот, бидејќи судот дава официјални информации на веб-страната за тоа што се случува. Додека не се достави решение на обвинет и на одбрана, Сеад Кочан е слободен граѓанин на оваа држава и може да си ги извршува сите свои активности“, вели Додевски.

Во однос на истото прашање обвинителката Катица Јанева вели дека се известени за одредениот притвор на Кочан, но оти решението го немаат видено.

„Бевме известени од судијката дека денес ќе биде доставено, не беше доставено пред да тргнеме тука во Судот“, вели Јанева.

Во случајот „Труст“ СЈО ги сомничи фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“ од Студеничани дека формирале конзорциум и со фалсификувана документација во 2011 година добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Претставниците на фирмите се сомничат дека строриле злоупотреба на постапката за јавен повик.

Сеад Кочан како управител на фирмата „Трансмет“ е првоосмничен во случајот, второосомничен е претставникот на „Силекс неметали СТ“, а третоосомничен е управителот на фирмата од Студеничани.

„Конкретно, постои основано сомнение дека на 14.11.2011 година во Скопје првоосомничениот како одговорно лице управител на осомниченото правно лице „Трансмет“ ДОО Скопје, второосомничениот како застапник на осомниченото правно лице „Силекс неметали СТ“ ДООЕЛ Кратово и третоосомничениот како управител на осомниченото правно лице „Вато“ ДОО Студеничани Скопје, свесно ги повредиле прописите за постапка за доделување на договор за јавна набавка и му овозможиле на конзорциумот противправна имотна корист ефектуирана во неколку милиони евра“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Обвинителките на СЈО истакнаа дека трите фирми за да го исполнат условот на тендерот доставиле невистинита документација дека поседуваат механизација која ја немаат, со што строриле кривично дело.

СЈО за двајца управители побара притвор, кој прво беше одбиен од Судот, но Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја прифати жалбата на СЈО по што на бизнисменот Сеад Кочан му била одредена мерка притвор.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG