Достапни линкови

Јордан Костов со својата „вселенска“ хармоника во Земјата на изгрејсонцето


Македонскиот музичар Јордан Костов, од крајот на април и се до крајот на мај, ќе одржи серија на концерти во Токио и во другите тамошни центри настапувајќи со експерименталниот перкусионист Маркус Фернандес и со мнозина други авангардни јапонски уметници. По завршувањето на турнејата тој повторно ѝ се враќа на шангајската алтернативна сцена каде делува во изминативе четири години и каде го чекаат дузина најразлични звучни проекти.

По нецели два месеца од изведбата на проектот „Accordion From Outer Space“ во Планетариум на Младински културен центар - Скопје, Јордан Костов со својата „вселенска“ хармоника се најде и на алтернативните сцени во јапонските метрополи. Тој на покана од својот пријател, експерименталниот перкусионист Маркус Фернандез, Американец кој подолго време живее и твори во Земјата на изгрејсонцето, веќе има одржано серија на клупски свирки чија кулминација е предвидено да биде на крајот на мај со настап во Токио. Овој перформанс ќе треба да ги обедини визиите на артисти со различни поимања за современата „егзотична“ звуковност и на нејзината незаобиколива врска со различните музички јазици.

„Сево ова е убаво музичко возење по Пацификот. Настапувам секојдневно во различни градови. Ќе бидам и нецела недела во Токио, па се враќам „дома“ во Шангај и потоа пак назад во Јапонија. Не е ова банално. Концептите не се како за класични концерти – спремаме еден и после тоа „работи“ до немајкаде. Во целата приказна има постојан прогрес и таа ја раскажуваш со различни музичари од различни поднебја“, вели Костов.

Дополнува дека актуелните негови глобални соработки не вклучуваат само музичари од тој дел на светот туку и Американци, Германци, Индијци и дека притоа основниот услов е да се чествува слободата на мислата и изведбата.

„Сите сме во некаков „филм“ да не се свири музика којашто вообичаено ја свириме за опстанок – ивенти, кавери, џез стандарди кои секаде проаѓаат. Луѓево се исклучително отворени за разни соработки. Истата банда како што се овде кај нас во Македонија, Лукаш, Круме и компанија. Голем е Шангај, големи се и другите градови во Кина. Исто и во Јапонија. Мене секоја музика ми е различна. Тоа ми е концептот. Не би сакал да се повторувам прво за себе, а после и за другите и посебно за публиката“, вели тој.

Прашан, пак, дали има нешто документирано од музиките и перформансите што ги имал во Кина и во Јапонија во изминатиов период, Костов знае да каже дека постојано снима и дека собрал пристојна колекција од снимки, но дека дури сега се решил да ја сподели на интернет сервисите. Сепак не смета дека нешто од тоа треба да се најде на официјален, физички носач на звук.

„Некои од музикиве не се за објавување затоа што се тотално некомерцијални. Постојат издавачки куќи од Лондон кои се заинтересирани за такво нешто, неодамна ми пишаа за таквата идеја, но пак е тоа нешто што не би го направил без дебело да размислам дали сето тоа има некаква смисла. При мојот последен престој во Македонија снимавме нешто со Бојан Угриновски што би можело да биде соло албум, јас свирам хармоника и различни перкусии, има и вокални делници на моменти, ама тоа исто така е некомерцијална музика – некаков транс, шаманизам. Не би знаел како денес овде „работат“ тие нешта“, вели тој.

И, колку за потсетување Јордан Костов ѝ припаѓа на генерацијата млади македонски уметници кои поодамна имаат раскрстено со предрасудите и кои го имаат надминато стравот од нормална творечка комуникација со глобалниот свет. Плоден како композитор и поткован како инструменталист (класично образование) на хармоника, тој од родното Кавадарци, преку делувањето со бројни македонски музички колективи како „Ансамбл модерна“, „Свирци из Кавадарци“ и „Сваровски“, во 2013 како прв Македонец беше поканет да земе учество во знаменитиот проект „Своч арт мировен хотел“, швајцарско-кинеска програма за иницијатива во културата и уметноста. За таа намена Костов напиша комплетно нова музика која во ноември истата година беше изведена со Оркестарот на традиционални инструменти во Шангај. Од тогаш започнува неговата номадска музичка авантура во новото опркружување којашто трае до денес и која спорадично е прекинувана со кратките негови претстои во родната Македонија.

Во средината на април оваа 2017 година повторно беше дома со идеја да го реализира соло-перформансот „Accordion From Outer Space“ во Планетариум, во Младински културен центар во Скопје. Но наместо тоа, присутните беа чествувани со несекојдневната размена на идеи и енергии на уметници и трагачи по звучни возбуди како Владимир Лукаш (со кого соработуваше во „Ансамбл модерна“) и Зоран Велковски на гитари, Петар Христов – бас кларинет, Круме Стефановски („Сваровски“) на деф и разни други удиралки и, се разбира, Костов со неговата разсвирена хармоника.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG