Достапни линкови

На кумановските пожарникари им треба обука и опрема


Дејан Илиевски, командир на противпожарна единица од Куманово.

Противпожарната единица од Куманово е една од најдобрите во Македонија, оти интервенирале на сите повици, вели командирот на бригадата. Меѓутоа потребни им се пари за нова опрема и за обуки.

Со вкупно 51 пожарникар, од кои 27 со просечна старост од 47 години, со амортизирани, но редовно сервисирани и секогаш подготвени возила за интервенција, Територијалната противпожарна единица од Куманово е една најдобрите во државава, вели командирот Дејан Илиевски. Тој додава дека секогаш на време и професионално интервенираат на настанатите пожари. Единицата има добра соработка и со граѓаните, но и со институциите, како и ЕВН, иако има потреба од осовременување на механизацијата и подмладување на кадарот, вели командирот.

Тој додава дека од вкупно вработените 27 се на неодредено време, а составот е подмладен со 24 вработени времено. Илиевски појаснува дека кога ќе се спои искуството со младоста резултатите се позитивни и единицата се отповикува на сите потребни интервенции на целата територија на Македонија.

А пожарникарите, пак, се соочуваат и со лични проблеми како што е бенефицираниот работен стаж, за што Илиевски вели дека состојбата и во таа смисла не е најдобра.

„Се чувствуваме оштетени бидејќи бенефицираниот стаж ни е за една година три месеци. Тоа значи на секои четири години една година стаж повеќе. Меѓутоа за пензионирање се пресметува на пет години една година помалку од година на староста.“

Што се однесува до механизацијата таа е од постара дата, но секогаш редовно сервисирана и во добра кондиција.

„Веќе 12-та година сум командир и немаме пропуштено ниту една интервенција. Успеваме да стасаме на сите поставени задачи.“

Меѓутоа на оваа единица и се неопходни и финансиски инфузии за осовременување, за почести обуки, за интервенции на повеќекатниците, за гасоводната мрежа. А со тоа се согласуваат и советниците од општинскиот Совет на Куманово.

Советникот Ашмет Османовски од „Коалицијата за подобра Македонија“ добро ја познава состојбата на Противпожарната единица, но тој смета дека во иднина би требало таа да ја подобри комуникацијата во населбите во кои е погуста населеноста.

„Најмалку се влегува во населбите каде што живеат Ромите и тоа со флаери, со предавања, бидејќи зиме таму најчесто се случуваат пожари поради греалки и грејни тела кои се вклучуваат на застарена електрична инсталација.“

Драги Караџински од ГРОМ, пак, додава дека сите треба да се заложат за подобрување на состојбата на оваа единица, на која и е неопходна опрема и за интервенција на висококатниците.

„Знам дека немаат никакви скали за висококатниците. Кога настана пожар во единаесеткатницата знам дека не можеше никако да се интервенира и тоа беше случај со трети кат, а за повисоко да не зборуваме. Затоа под итно треба да се издвојат средства, зашто одвојуваме средства за сè и сешто, а за оваа единица нема, а таа токму на Општината и е потребна“, вели Караџински.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG