Достапни линкови

Правдата, лек против поделеноста на општеството


Поделеноста ќе трае се додека не профункционира правдата и оние кои се огрешиле од законот не одговараат пред суд, вели социологот Илија Ацески.

Оддолговлекувањето на политичката криза ќе ја продлабочи и онака изразената поделеност меѓу македонските граѓани, анализираат социолозите. Феноменот на фрагментирано општетство раѓа негативни ефекти во сите сегменти од општеството, вели универзитетскиот професор Илија Ацески, според кого кризата е резултат на неколку причини:

„Една од нив е партизацијата на општеството. Таа партизација се направи затоа што партиската елита на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сите сегменти од животот на човекот ги запоседна и дел од луѓето ги претвори во клиенти. Кога не постојат јасни правила на однесување, немате транспарентност, имате висок степен на самоволие, изразена авторитарност и што се уште не, тоа доведува до приграбување на материјално богатство и негово слевање само во рацете на таа елита, а тоа ги прави поделбите“, изјави професорот Ацески.

И професор Јонус Абдулау смета дека долгото провлекување на политичката криза може да ни донесе негативни последици.

„Кризата се одолговлекува затоа што гарнитурата која е на власт сака да направи се за да опстане на власт. Во Македонија толку е влошена состојбата што може да се направи лоша услуга на граѓаните кои досега биле нетрпеливи и чекале резултати од целата оваа криза. Опасноста е во тоа што протестите и незадоволствата кај граѓаните можат да прераснат во меѓуетнички конфликт, што пак повлекува ризици по безбедноста и за земјата и за регионот", вели Абдулау.

Според Ацески, загрижува тоа што секојдневно и навлегува во сферата на етничките односи. Имате недоречености кои ве насочуваат да се борите против нешто што буди опасност, а тоа ќе оди се додека таа негативна енергија не се исцрпи, додава тој.

„До кога ќе трае таа поделеност? Се додека не се дојде до некаква правда, се додека не профункционираат институциите, да се овозможи работата на СЈО, судовите и други механизми кои ќе доведат до тоа еден дел од тие кои се огрешиле пред законот да одговараат, се дотогаш ќе трае таа криза и поделеноста“, вели Ацески.

Абдулау очекува да се смират страстите и тензичната атмосфера во земјава.

„Очекувам да се смири оваа албанофобија што се појавува од страна на ВМРО-ДПМНЕ и да увидат дека Албанците не се единствените виновници за се лошо што се случува, туку дека се една структура граѓани која гарантира дека може да има дијалог и посветла иднина за сите граѓани во оваа земја“, заклучува професор Абдулау.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG