Достапни линкови

Како до мирен трансфер на власта?


Архивска фотографија - лидерот на СДСМ Зоран Заев му ги достави на претседателот Ѓорге Иванов 67-те пратенички потписи

Претседателот Ѓорге Иванов денеска со писмо до повеќе меѓународни фактори потврди дека останува на одлуката да не го даде мандатот на Зоран Заев. Аналитичарите посочуваат дека во игра се и варијантите за свикување на Собранието и за повторни преговори за широка коалиција.

Скоро една недела по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не му го даде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, не стивнуваат реакциите од светот во кои тој се повикува да ја смени одлуката. Преку писмо до членовите на Европскиот совет, до претседателот на Европскиот совет, до генералниот секретар на НАТО и до двата стратегиски партнера на Македонија, до претседателот на САД Доналд Трамп и до претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, Иванов денеска информира за причините за неговата одлука, барајќи да се осуди Платформата на партиите на Албанците, не навестувајќи дека би ја сменил одлуката. Бара отфрлање и осуда на Платформата на партиите на Албанците од ЕУ, НАТО и нивните земји членки.

„Сметам дека осудата и отфрлањето на овој документ е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓаме“ пишува Иванов.

Иванов се предомислува

Од одлуката на Иванов досега реагираа повеќе земји и организации меѓу кои и Соединетите Американски Држави, ОБСЕ, НАТО, Германија, Британија, Канада и речиси сите се со иста порака, претседателот да ја преиспита одлуката.

Нема јасни показатели дека тој може да ја смени одлуката, вели и универзитетскиот професор Никола Дујовски.

„Ова беше направено во дослух меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Иванов за да се продлабочува кризата. Тие се свесни за тоа, меѓутоа го прават тоа тенденциозно, така што опцијата Иванов да се предомисли во овој момент јас мислам дека е најдалечна“, вели Дујовски.

Собранието ја презема работата

Дел домашни аналитичари, но и Могерини, спомнаа дека еден од инструментите е парламентот. Правните експерти посочуваат и дека Македонија е парламентарна демократија, а не претседателска република и дека чинот на давање на мандатот е само формален. Но, во таа варијатна, кога мнозинството односно СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците со своите 67 пратеници би избрале претседател на собранието и влада, можни се поголеми немири. Во која било варијанта ќе има протести, а државата и сега е во длабока криза, така што ова засега е најдобрата опција, смета Дујовски.

„Полицијата е таа што треба да обезбеди сето тоа да се спроведе. Така треба да изгледа една држава, така е во демократските земји во светот“, вели Дујовски.

Повторно партиски преговори

Но, според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири самиот потег на претседателот бил всушност за да ја врати повторно во игра опцијата меѓупартиски преговори кои би довеле до широка коалиција. Тој во таа насока ја толкува и понудата од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да му дадат поддршка на СДСМ испратена пред Иванов да ја соопшти одлуката. Сето ова би водело кон нови предвремени избори во септември, смета тој.

„Со тоа што се одложија и локалните избори и не се распишаа вчера кога беше последен рок оваа варијанта станува се повозможна“, вели Незири.

Тој додава и дека СДСМ и другите партии кои му дадоа потписи на Заев се пасивни во однос на свикувањето на Собранието со што се остава и дополнителен простор. Според Дујовски, пак, варијантата за повторни преговори веќе не е опција. Седнувањето на маса на веќе толку лутите противници со посредство на меѓународната заедница, не може да вроди со плод, дециден е Дујовски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG