Достапни линкови

Недавањето на мандатот на Заев – главна вест


Одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и покрај обезбеденото мнозинство, е главна вест во дневниот печат.

Веста на денот, што веројатно сите ја слушнаа во средата, е дека Ѓорге Иванов не му го даде мандатот за составување Влада на Зоран Заев. При што бодат очи спиновите и дезинформациите во медиумите со отворена поддршка кон сè уште владејачката партија, иако во техничка Влада.

Утрински во насловот го цитира Иванов од неговото обраќање до нацијата: „Бидете спокојни, не го давам мандатот“. Во наслов го цитира и Заев: „Иванов мора веднаш да го додели мандатот – Уставот го обврзува на тоа да не смее да ја негира мнозинската волја на граѓаните“.

Со слични наслови излезе и Нова Македонија. Дневник, од друг ракурс: „Претседателот Иванов во одбрана на сувереноста на Македонија – Нема мандат врз платформа на туѓи држави“. Исто како и Вечер: „Претседателот Иванов остана принципиелен – нема мандат за платформата од Тирана“.

Слободен печат го цитира Заев кога во изјавата по настанот рече: „Апелирам да продолжиме мудро и трезвено. За сè има решение“.

Професорот по уставно право, Светомир Шкариќ за порталот Фактор изјави дека Иванов „грубо го прекрши Уставот“ и дека се исполнети сите елементи за формирање Влада која би имала парламентарно мнозинство. Вечер, пак, ја цитира професорката Каракамишева која вели дека „Заев го крши Уставот и направил државен удар“.

Сите печатени медиуми информираат за протестите на, како што декларираат организаторите, од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. По нив во Скопје во вторникот имаше петмина повредени, од кои новинар и снимател на порталот А1он. Овој инцидент го превиде Вечер. „Македонија на нозе“ – пишува, инаку, овој весник, а во друг напис цитира некој учесник: „Не сме против Албанците, туку против платформи правени од надвор“.

Утрински, пак, насловува: „Демолирани излози и пораки со навредлива содржина за новите пратеници на СДСМ“. Истиот весник информира дека во средата, учесниците на протестниот марш во Скопје се упатиле кон седиштето на СДСМ, но дека биле спречени од полицијата, по што протестантите се разотишле.

Могерини ќе го гасне ’огнот‘ во Македонија“ најавува Утрински за посетата на високата функционерка на ЕУ и додава дека Могерини на македонските политичари ќе им го каже во ракавици она што повеќе светски медиуми го опишаа народски, со главна порака дека, „За да се спаси од правдата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, е подготвен да ја турне земјата во хаос и подлабока криза“. Утрински го објавува и пораката на Хан до Иванов, дека „Сите политички лидери, вклучително и Иванов треба да го почитуваат исходот на изборите. Во демократијата мора да се признае парламентарното мнозинство, дури и ако тоа не го сакате“, напишал Хан на Твитер.

Нова Македонија го пренесува твитот на белгискиот дипломат Ванхауте, инаку пријател на Македонија: „Уште еден црн ден во политичката историја на Македонија“, напишал Ванхауте.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG